• среда, 03 јули 2024

Шолц бара појаснување за наводите за антисемитизам на баварскиот вицепремиер Хуберт Ајвангер

Шолц бара појаснување за наводите за антисемитизам на баварскиот вицепремиер Хуберт Ајвангер

Берлин, 28 август 2023 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска побара појаснување за скандалот со баварскиот вицепремиер, Хуберт Ајнвангер, кој, наводно, како средношколец, во доцните 80-ти години на минатиот век, дистрибуирал антисемитски леток, јави ДПА.

-Без оглед на тоа кој го напишал и дистрибуирал летокот, тоа е навистина ужасно, нечовечко дело, изјави денеска во Берлин заменик портпаролот на владата, Волфганг Бухнер.

„Од гледна точка на канцеларот, сето ова, исто така, мора сеопфатно и веднаш да се расчисти и потоа ќе мора да има политички последици, доколку се покаже дека е потребно“, додаде портпаролот, пренесен од германската агенција.

Весникот Зидојче Цајтунг, цитирајќи сведоци, објави дека Ајвангер навредливиот антисемитски памфлет го диструбуирал во неговото средно училиште во Баварија, во текот на учебната 1987-1988 година.

Но, лидерот на баварската конзервативна партија „Слободни гласачи“ и државен министер за економија, во својата вчерашна писмена изјава ги негираше тврдењата на весникот.

Одговорноста за чинот, место вицепремиерот, ја презеде неговиот постар брат. Ајнвангер навистина призна дека во неговата училишна чанта биле пронајдени „една или неколку копии на памфлетот“.

Според весникот, памфлетот се шегува на сметка на логорот на смртта Аушвиц, каде што историчарите проценуваат дека нацистите убиле 1,1 милион лица, од кои огромното мнозинство од нив биле Евреи.

Баварскиот премиер, Маркус Содер, денеска јавно го повика Ајвангер на специјален состанок на коалицискиот комитет, закажан за утре изутрина, на кој политичарот ќе треба да одговори на отворените прашања и да даде лична изјава.

-Обвинувањата се премногу сериозни за еден вицепремиер само писмено да ги коментира наводите и суштинските прашања да ги остави неодговорени, изјави денеска за ДПА Флоријан Херман, шеф на кабинет на канцеларот Содер.

„Угледот на Баварија е загрозен“, предупреди блискиот соработник на баварскиот премиер. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан