• петок, 05 декември 2025

Шмит на конференцијата во Дејтон: Мирот и напредокот во БиХ бараат компромис, а не подбуцнувачки изјави

Шмит на конференцијата во Дејтон: Мирот и напредокот во БиХ бараат компромис, а не подбуцнувачки изјави

Дејтон, 26 мај 2025 (МИА) – Високиот претставник во Босна и Херцеговина (БиХ), Кристијан Шмит на одбележувањето на 30-годишнината од Општиот мировен договор за БиХ во Дејтон изјави дека мирот и напредокот во БиХ бараат чесен компромис и заемно почитување, а не подбуцнувачки изјави.

- Преправањето на историјата и неразбирањето на сеопфатната мисија на Дејтонскиот договор воопшто не придонесуваат за подобра иднина на земјата, рече Шмит, соопшти денеска Канцеларијата на високиот претставник (ОХР).

Тој нагласи дека со Дејтонскиот договор е ставен крај на крвопролевањето во БиХ и оти мировниот договор ги поставил основите за мирен соживот во изминатите три децении.

- Меѓутоа, сè уште е потребно да се спроведат реформи за интеграција во Европската унија, оцени Шмит.

Тој изрази уверување дека мнозинството локални политичари се свесни за тој факт и дека се „подготвени да постават правни и политички основи за држава која работи на заземање на своето место во евроатлантското семејство“.

- Босна и Херцеговина може да стане успешна приказна. Тој успех е во рацете на домашните актери, рече високиот претставник во БиХ. јт/

Фото: ОХР БиХ на Х

Остани поврзан