• сабота, 21 декември 2024

Шилегов од Карпош: Клучката кај Момин поток ќе биде најсофистицирано сообраќајно решение во урбана средина

Шилегов од Карпош: Клучката кај Момин поток ќе биде најсофистицирано сообраќајно решение во урбана средина
Скопје, 7 октомври 2021 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ и актуелен градоначалник Петре Шилегов заедно со кандидатот за градоначалник на Општина Карпош, Душко Весковски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска вечерва остварија повеќе средби со жители од општина Карпош. Во следниот мандат, спроти Карпош 4 до кејот на Вардар, Шилегов најави нов градски парк на површина од 86.000 квадрати со неколку видиковци, урбана шума кон блиските згради, простор за летна сцена, сервисна уличка за пристап и поплочен кеј со дрворед, а во соработка со општина Карпош и реконструкција и адаптација на библиотеката „Другарче“ во нов мултимедијален центар на културата. - Вие сте сила која е гаранција дека Скопје нема да запре, дека нема да назадува, вие сте гаранција дека ќе го градиме Скопје какво што Вие сакате, Вие сте гаранција за победа. Затоа е важно да излеземе на 17 октомври и да избереме континуитет за европско, уредно и зелено Скопје, порача Шилегов, повикувајќи ги жителите на Карпош на 17 октомври да излезат масовно на избори и да гласаат за коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. Шилегов посочи дека Карпош е една од најразвиените скопски општини и со малку посветеност и работа може многу да се направи за секое катче од оваа општина. - Реконструиравме делови од булеварите Партизанска од 8-ми септември до кружниот тек во Ѓорче Петров и 8-ми септември од Илинденска до Скупи. На 8-ми септември изградивме и велопатеки од Партизанска до Скупи. Целосно ги реконструиравме улиците Лондонска, Љубљанска, Московска, Брадфордска, Никола Парапунов и Ацо Шопов, изјави Шилегов, осврнувајќи се на реализираните проекти во делот на инфраструктурата. Клучката на Момин Поток, нагласи Шилегов, е сложен сообраќаен зафат што во Скопје не е направен со децении наназад. -Оваа раскрсница, која ја паметиме по огромните гужви каде поминуваат 25.000 до 30.000 возила дневно и спојува четири општини, го добива најмодерното и најсофтицираното сообраќајно решение било кога изработено во урбана средина во државата. Градиме издигнат булевар на девет метри, со кружен тек во ридот кај касарната, со којшто овозможуваме анулирање на семафорската сигнализација и движење без застој на сите видови сообраќај. Таму за прв пат ќе изградиме велосипедски мост. Вело патеки мора да има како составен дел од сите идни сообраќајни решенија во градот, нагласи Шилегов. Преку ова сообраќајно решение, заедно со клучката и пробивањето на бул. Словенија до Волково и пробивањето на Хасан Приштина до обиколница во правец на Косово, според Шилегов, целосно ќе се реши сообраќајот во овој дел од градот. -Мостот на ул. Љубљанска е вториот од двата моста кои ги започнавме за само еден мандат. Мостовите ги приближуваат луѓето, овој мост ја олеснува комуникацијата на жителите од Карпош 3 и 4 со жителите на Бардовци и Злокуќани. Со изведбата на првата траса на БРТ системот на брз автобуски превоз, одново ќе го изградиме и мостот Обединети нации, кој сега ќе биде и поширок и побезбеден за сообраќај, истакна Шилегов. Во овој дел од градот, како што посочи, реконструирани се средните училишта „Георги Димитров“, „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Лазар Танев“ и „Здравко Цветковски“, а обезбедени се и прочистувачи за воздух за секоја училница. - Не заостануваме и во делот на градското зеленило. Во Карпош подигнати се над 43.000 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини со засадени над 2.300 садници. Општина Карпош е побогата за два нови урбани скверови со повеќе зеленило и содржини за одмор и релаксација, еден кај објектот на Пожарната во Тафталиџе, а другиот кај гимназијата Орце Николов, потенцираше Шилегов. аа/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан