• недела, 22 декември 2024

Шилегов и Вескоски од Карпош: Бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата

Шилегов и Вескоски од Карпош: Бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата
Скопје, 11 октомври 2021 (МИА) - Бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата, а не само во вторник и петок, вечерва вети кандидатот за градоначалник на Град Скопје од СДСМ Петре Шилегов на митингот во Карпош. Шилегов рече дека ќе се овозможи бесплатен медицински транспорт за лицата во трето доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градот. -За поголема самостојност и независно функционирање, обезбедуваме ефикасен, безбеден и бесплатен транспорт за нив, рече Шилегов и најави бесплатен јавен градски превоз и за лицата со ретки болести.
Од реализираните проекти во патната инфраструктура, Шилегов го издвои реконструкцијата на булеварите „Партизанска“ од „8-ми септември“ до кружниот тек во „Ѓорче Петров“ и „8-ми септември“ од „Илинденска“ до „Скупи“, а целосно се реконструирани улиците „Лондонска“, „Љубљанска“, „Московска“, „Брадфордска“, „Никола Парапунов“ и „Ацо Шопов“.
-Ја градиме Клучката на Момин Поток, на раскрсницата каде по огромни гужви поминуваат 25 до 30.000 возила дневно истакна Шилегов, додавајќи дека таков сложен сообраќаен зафат во Скопје не е направен со децении наназад.
Тој прецизираше дека раскрсницата што спојува четири општини, го добива најмодерното и најсофтицираното сообраќајно решение било кога изработено во урбана средина во Македонија.
-Градиме издигнат булевар на 9 метри, со кружен тек во ридот кај касарната, со којшто овозможуваме анулирање на семафорската сигнализација и движење без застој на сите видови сообраќај, а таму за прв пат ќе изградиме велосипедски мост, вело патеки мора да има како составен дел од сите идни сообраќајни решенија во градот, најави Шилегов.
Кандидатот за градоначалник на Карпош Душко Весковски рече дека најдоброто за Карпош доаѓа со спроведување на политиките што гу нудат пред граѓаните.
-„Најдоброто за Карпош“ доаѓа и со ТОП 5-те најважни проекти, меѓу кои изградба на катна гаража околу комплексот ТЦ „Лептокарија“, со зелен парк над гаражата, изградба на најмалку две нови детски градинки и реконструкција/обновување на постојните капацитети, изградба на големиот зелен парк спроти населбата Карпош 4, основање Младински центар во Општина Карпош во рамки на библиотеката „Другарче“, дисперзирање и планска хумана урбанизација на просторот кон Злокуќани и Бардовци, истакна Весковски. бк/бак/

Остани поврзан