• сабота, 23 ноември 2024

Шилегов: БРТ е поисплатлив систем за јавен превоз од трамвајот

Шилегов: БРТ е поисплатлив систем за јавен превоз од трамвајот
Скопје, 27 април 2021 (МИА)- Висококвалитетниот јавен превоз е насушна потреба на скопјани веќе со децении, а на таа потреба Град Скопје одговара со воведување систем за брз автобуски превоз (БРТ) со што Скопје станува позелено, подинамично и попаметно. БРТ ќе биде костурот на јавниот транспорт во Скопје во наредните 100 години, како и дека е сообраќајно решение за намалување на градскиот метеж, чекањето на семафори и аерозагадувањето, истакна градоначалникот Шилегов на денешната седница на Советот на Град Скопје. - Воведувањето на БРТ во Скопје има повеќекратни придобивки. Со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси - од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Проектираната вредност за овие две рути е околу 70 милиони евра, што подразбира и набавка на возилата, во оваа фаза 18 метарски, но целиот систем е проектиран да има можност за 24 метарски возила. Реализацијата на БРТ, а не на трамвај, е поради тоа што доколку според градската проектна документација се имплементираа двете фази со трамвајско решение по истата траса, тоа ќе го чинеше градот или државата 380 милиони евра. Ние сега тоа го правиме, по истиот концепт за трамвај, но за 70 милиони евра. Векот на траење на едно превозно средство во БРТ е помеѓу 12 и 15 години, со технологија на гас – синерџи хибрид, што во моментов е најпроверена технологија од економичен и еколошки аспект на која може да го конципирате целиот систем на јавен превоз, рече градоначалникот. Додаде дека системот на електрични автобуски, се уште не е во таа мера развиен за да може целокупниот јавен превоз да се конципира на електрични автобуси. -За да стигнете до цената на чинење на реализацијата на трамвајскиот сообраќај, имате можност 5 пати да ја обновите флотилата на БРТ, односно имајќи предвид дека 12-15 години е рокот на возилата во БРТ, на 0 со реализација на трамвајот би дошле после 75 години, под услов кога ќе го изработите трамвајот во наредните 75 години, не трошите средства за неговото одржување, што не е можно, изјави Шилегов. Градоначалникот рече дека трамвајот бара одржување и менување шини, менување  возила, чиј рок за разлика од возилата на БРТ е меѓу 20-30 години, според него 2-3 промени на флотилата на трамвајот во наредните 70 години, каде што еден воз 24 метарски според достапните цени изнесува 3 до 3,5 милиони евра во зависност од производителот би претставувало голем финансиски трошок. - Ако за целокупниот овој систем во двете фази ви се потребни околу 50 возила, тоа значи дека само за една промена на флотилата би потрошиле околу 120 до 150 милиони евра, а ако тоа го направите три пати, што значи дека тој превоз ќе кошта уште 450 милиони евра само со промена на флотилата, без тековното одржување на преостаната електрична инфраструктура. Имајќи ја предвид финансиската состојба во градот и државата, се одлучивме за БРТ. Меѓутоа ваков тип одлуки не носи само Град Скопје, туку сите современи градови, кои исто како нас се уште немаат шински превоз на јавен транспорт, односно трамвај. Сите одбираат да воведат БРТ како систем на јавен транспорт, наместо трамвајски превоз, односно станува збор за еден модерен тренд во јавниот транспорт во Европа и во светот – истакна Шилегов. Како што информираат од Град Скопје Европската банка за обнова и развој го промовира овој проект како зелен проект, во рамките на мрежата на зелени градови, во која Скопје е член од 2019 година.свс/скс/

Остани поврзан