• сабота, 06 декември 2025

Шефот на Џеј Пи Морган: САД станаа помалку сигурен партнер во светот

Шефот на Џеј Пи Морган: САД станаа помалку сигурен партнер во светот

Њујорк, 9 октомври 2025 (МИА) - Постои многу поголем ризик од сериозен пад на американските берзи отколку што моментално се рефлектира на пазарот, изјави за Би-Би-Си извршниот директор на Џеј Пи Морган, Џејми Дајмон.

Тој нагласи дека е „далеку повеќе загрижен од другите“ за можна корекција на пазарот што, според него, би можела да следи во следните шест месеци до две години. Дајмон, исто така, во едно интервју рече дека САД станале „помалку сигурен партнер“ на светската сцена.

Шефот на најголемата американска банка предупреди дека сè уште постои ризик од постојана инфлација, но дека очекува Федералните резерви да останат независни и покрај критиките од администрацијата на Трамп.

За време на посетата на Борнмут, Англија, Дајмон најави инвестиција од 350 милиони фунти во нов кампус на Џеј Пи Морган и дополнителни 3,5 милиони фунти за локалните непрофитни организации.

Во економски коментар, Дајмон посочи на зголемените ризици од „прегревање“ на американските берзи, истакнувајќи дека неизвесноста е поттикната од геополитичките конфликти, зголемените владини трошоци и глобалната ремилитаризација.

-Сите овие работи предизвикуваат проблеми на кои не знаеме како да одговориме. Нивото на неизвесност мора да биде повисоко отколку што луѓето мислат дека е нормално, рече тој.

Тој конкретно ја наведе вештачката интелигенција како двигател на неодамнешниот раст на берзата, споредувајќи го со бумот на „дот-ком“ кон крајот на 1990-тите. „Вештачката интелигенција ќе се исплати, но повеќето инвеститори нема да се снајдат добро“, рече тој, додавајќи дека „дел од парите веројатно ќе бидат изгубени“.

Дајмон, исто така, предупреди за проблемот со глобалната безбедност, наведувајќи дека во случај на конфликт во Јужното Кинеско Море, САД „ќе останат без ракети за седум дена“. „Наместо криптовалути, треба да складираме куршуми, оружје и бомби. Светот стана поопасно место“, нагласи тој.

Иако призна дека Соединетите Американски Држави станаа помалку сигурни, Дајмон верува дека некои од потезите на администрацијата на Трамп ја охрабрија Европа да ги зголеми инвестициите во одбраната и економската конкурентност.

Тој, исто така, изјави дека наскоро се очекува потпишување на трговски договор меѓу Индија и САД.

Иако неговото име често се споменува во контекст на можен влез во политиката, Дајмон рече дека негов приоритет е „зачувување на здрава и силна компанија“. Кога го прашаа за неговите амбиции, тој се пошегува: „Ако ми ја понудат претседателската функција - ќе ја прифатам“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан