• петок, 05 декември 2025

Шефот на УНХЦР: Намалувањето на буџетот на оваа агенција на ОН ги засилува миграциските притисоци врз Европа

Шефот на УНХЦР: Намалувањето на буџетот на оваа агенција на ОН ги засилува миграциските притисоци врз Европа

Лондон, 28 јули 2025 (МИА) – Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди, во денешното интервју за „Фајненшл тајмс“ оцени дека „катастрофалните“ кратења на буџетот за агенцијата што ја води веќе доведуваат до зголемен прилив на мигранти во Европа.

Гранди затоа ги повика владите на земјите од Европската унија да ги финансираат постоечките центри за азиланти во Африка, наместо да создаваат нови системи.

- Кратењата на буџетот што ни ги наметнуваат донаторите се катастрофални, и тие се такви и од аспект на управувањето со тие приливи (на мигранти), изјави Гранди за „Фајненшл тајмс“.

Тој додаде дека игнорирањето на она што се случува во африканските земји е „голема стратешка грешка“.

- Немам никакви сомнежи дека луѓето веќе се преместуваат од Чад во Либија – судански бегалци, рече Гранди и нагласи: „Дајте повеќе помош на државите каде што луѓето веќе се наоѓаат, пред да се вратат дома. Со тоа решавате многу од вашите проблеми.“

Буџетот на УНХЦР беше драстично намален по доаѓањето на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД. Тој го намали националниот придонес на својата земја за оваа агенција од две милијарди на само 390 милиони долари.

САД беа најголемиот донатор на УНХЦР и покриваа 40 отсто од нејзиниот буџет.

Меѓутоа, и други донатори како Франција, Германија и Италија го намалија својот придонес поради штедењето во сопствените земји.

Поради ваквиот развој на настаните, УНХЦР во 2025 година беше принуден драстично да ги намали програмите за помош во вредност од 1,4 милијарди долари. јт/

Фото: УНХЦР

Остани поврзан