• сабота, 23 ноември 2024

Шефот на кипарската дипломатија бара брза и темелна истрага за убиството на членовите на WCK во Газа

Шефот на кипарската дипломатија бара брза и темелна истрага за убиството на членовите на WCK во Газа

Никозија, 4 април 2024 (МИА) - Истрагата за нападот врз членовите на Светската централна кујна во Газа мора да биде брза, темелна и да донесе одговорност, истакна министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос преку платформата „Х“, јави дописничката на МИА од Атина.

Комбос соопшти дека синоќа разговарал со основачот на WCK Хосе Андрес на кој му изразил сочувство во име на кипарската Влада за „загубата на седум бестрашни херои на човештвото кои им помагаа на луѓето на терен“.

-Тесно соработуваме со тимот на „World Central Kitchen“ и ја делиме болката што оваа трагедија ја предизвика во семејството на WCK. Силно ги осудуваме сите акти на насилство врз хуманитарните работници, кои секогаш мора да бидат заштитени, во согласност со меѓународното хуманитарно право. Истрагата мора да биде брза, темелна и да донесе одговорност, напиша Комбос.

Седуммина членови на тимот на „Светска централна кујна“ („World Central Kitchen“ WCK) загинаа во израелски напад во Газа во неделата за време на нивната хуманитарна мисија, по што од невладината организација соопштија дека привремено ги прекинуваат активностите во конкретниот регион.

WCK беше дел и од двете хуманитарни пратки што по морски пат од Кипар беа испратени за Газа во рамките на иницијативата „Амалтиа“, а последната пратка од саботата, поради убиството, беше вратена на Кипар и не стигна во Газа. ср/паг/

Остани поврзан