• недела, 22 декември 2024

Шелева: Да беше роден во моќна западно-европска земја, Ацо Шопов ќе беше тамошна школска лектира

Шелева: Да беше роден во моќна западно-европска земја, Ацо Шопов ќе беше тамошна школска лектира

Скопје, 26 август 2023 (МИА) - Одбележување на сто години од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов се одржа денес во црквата „Св. Софија“ во Охрид во рамки на 62. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“.

Пред бројните странски и домашни гости свое обраќање имаше литературната критичарка и теоретичарка Елизабета Шелева, која потенцираше дека Шопов е поет од светски ранг.

-Моето обраќање денес, по повод 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, кој беше прв претседател на Советот на СВП, по измината временска дистанца од 62 години, го доживувам не само како особена чест и привилегија, туку и како симболично совпаѓање на неколку детали и околности, занимливи од книжевно-историски аспект. Имено, тие потврдуваат дека времето како невидлив уметник го ниже својот величествен мозаик од „камчињата“ историја што само на прв поглед изгледаат како случаен сплет на луѓе и настани, рече Шелева.

Посочи дека неодамна починатиот книжевен великан Милан Кундера во една прилика изјавил „Малите народи даваат големи поети“.

-Оваа констатација на Кундера, покрај другите, го опфаќа и е применлива и на самиот Ацо Шопов. Тој беше и остана голем поет кому „забот на времето“ не успеа да му украде, ниту да му одземе ни трошка од поетската магија и убавина. Да беше роден во некоја од моќните западно-европски книжевни култури и традиции, Ацо Шопов несомнено ќе беше вграден како незаобиколен автор во тамошната школска лектира и како неизоставен дел (припадник) на националниот книжевен канон, истакна Шелева.

Таа потенцираше дека Шопов зад себе ни остави богато и респектабилно книжевно наследство, сплет од безвременски песни и мотиви чии елементи и крилатици ги освоија срцата и паметењето на неговите читатели.

-Шопов наликува на модерен Болен Дојчин чијшто последен, како и прв подвиг, е содржан во непобедливиот импресум на сетилноста и убавината, на песната и доживотната преданост кон неа. „Недочитливоста“ на оваа поезија е триумф и победа пред минливоста – моќен поттик одново да се думаме и во иднина маѓепсано да пребираме низ луцидните поетски бисери и езерски гатанки на Шопов, додаде Шелева.

Пред бројните гости беше прочитана и дел од поезијата на Шопов.

Во чест на Ацо Шопов, во рамките на фестивалот беше отворена и изложба на фотографии.вј/

Фото: СВП

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан