• понеделник, 23 декември 2024

Шекеринска: Покажавме дека сме подготвени да работиме на добрососедските односи

Шекеринска: Покажавме дека сме подготвени да работиме на добрососедските односи
Скопје, 29 октомври 2021 (МИА) - Добрите меѓусоседски односи бараат инвестиција од двете страни. Како држава покажавме дека сме подготвени да работиме на добрососедски односи. Очекувам и соседите од Бугарија да го покажат тоа, изјави денеска изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговорајќи на новинарско прашање околу оценката на американскиот заменик државен секретар за европски и евроазиски пршања Габриел Ескобар дека најсилната порака што ЕУ сега можа да ја испрати е да започне преговори за членство со Северна Македонија и Албанија пред крајот на оваа календарна година. Шекеринска потсети дека нешто пред повеќе од еден месец тим од Министерството за одбрана беше во Вашингтон и имаше шанса тогаш првпат да разговара со Ескобар. - Нашите сојузници останаа на зборот и тоа го слушаме веќе неколку пати од тој момент, дека ќе вложат дополнителни напори на регионот да му го донесат она што го очекува и она што е добро за сите, а тоа е продолжување на процесот на европска интеграција. Уште тогаш Ескобар, во разговорот, а потоа и во официјална изјава рече дека стратешки интерес и на САД е овој регион да оди напред. Рецептот за тоа го гледаат во почеток на преговори со ЕУ, за нас и за Албанија. Видовме дека тоа не се само дипломатски, протоколарни зборови со кои ќе не потапкаат по рамо, туку дека навистина тоа е политика која САД ќе ја спроведуваат, рече Шекеринска. Таа посочи дека тоа го видовме и на дело, во изминатиот месец и додаде дека тоа се и изјави кои ги слушаат и од европски колеги. - Тоа беше пораката и од Санино, кој повтори дека Северна Македонија го сработила тоа што од неа се очекувало и дека сега треба ЕУ да го сработи својот дел. Никогаш изјавите не се доволни и во позадина се дискутира, се анализираат различни опции, но на крајот ќе зависи и од нас, но најмногу од Бугарија, како две земји кои би требало самите да бидат заинтересирани за тоа регионот да оди напред и билатералните односи да ни напредуваат, а не да ни стагнираат, потенцира Шекеринска на Воениот стадион во Скопје, при промоцијата на новата спортска опрема за Армијата. Според неа, изјавите во кои се лицитира постојано со некои нови бугарски барања не се од помош и дефинитивно испраќаат погрешна порака во ЕУ и во НАТО. Шекеринска очекува по изборите во Бугарија дел од таа реторика „малку да спласне“. мд/сп/

Остани поврзан