• понеделник, 23 декември 2024

Шекеринска: Од Криволак создаваме полигон не само од македонска и регионална вредност, туку и вредност и шанса за Алијансата

Шекеринска: Од Криволак создаваме полигон не само од македонска и регионална вредност, туку и вредност и шанса за Алијансата
Неготино, 26 април 2021 (МИА) - Можете да видите дека нашиот полигон Криволак е претворен во вистинско градилиште. Кога пред неколку години покажавме дека сме многу амбициозни во поглед на нашето членство во НАТО, многумина не беа такви оптимисти. Покажавме дека амбициозноста носи резултати. Меѓутоа истата амбициозност ја покажавме и за развојот на полигонот Криволак. Ова го истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која заедно со амбасадорката на САД, Кејт Брнз ги посетија  припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и на вооружените сили на САД, кои заеднички работат на изградба на нови содржини на полигонот „Криволак“, пред почетокот на меѓународната вежба, „Одлучен удар 21“, што  ќе се реализира во периодот од 17 мај до втори јуни на АП „Криволак“. На вежбата предвидено е да учествуваат околу 2.000 припадници од армиите на САД, Грција, Бугарија и од Република Северна Македонија. До самото започнување на вежбата, ќе се реализираат повеќе инженериски активности, уредување на полигонот „Криволак“,  што ќе овозможи беспрекорно реализирање на вежбовните активности. - Денеска можете да видите дека и оваа амбициозност носи резултати и дека навистина од Криволак создаваме полигон кој нема да има само македонска и регионална вредност, туку ќе биде вредност и шанса за Алијансата. Сето тоа ќе беше невозможно без нашите планови, нашата армија, се разбира и без поддршката на нашите сојузници. Денеска сиве овие конструкции се резултат на сојзуничката работа, на македонските војници и офицери и на американските инженерци. Денеска видовме колку е напредната работата во поглед на неколку капацитети на Криволак, што ќе го направат вистински НАТО ресурс, рече Шекеринска. Таа информираше дека на полигонот за многу кус временски период е изградена полетно слетна писта за беспилотни летала. - Денеска можевте да ги видите и изградбата на овие магацини што ќе служат како магацини за целата поддршка на вежбите оваа година и следни години, а ќе можете да ги видите и двете стрелишта за оклопни возила со подвижни и со неподвижни мети, соопшти Шекеринска, додавајќи оти сите овие капацитети што се градат за вежбата оваа година, ќе бидат ресурси и секоја следна вежба. - Во моментиве додека дискутираме за развојот на Кирволак, размислуваме не само за вежбата оваа или следанта година, туку размислуваме долгорочно. Целта ни е овој ресурс да биде ресурс со којшто нашето членство во НАТО ќе покаже многу видливи резултати за сите сојузници и ќе донесе шанса и за локалната економија, ќе донесе шанса и за зголемување и засилување на нашиот имиџ кај најнов член на Алијансата. Од она што го чув и од американските и од нашите војници и офицери, навистина правиме нешто што ќе остави белег, додаде министерката Шекеринска. Задоволство од посетата на Криволак изрази и амбасадорката Брнз. - Јас сум навистина импресионирана од огромниот напредок што го постигнаа инженерците од АРМ на РСМ и од САД во последните два месеци од последната моја посета. Навистина сум возбудена што за помалку од еден  месец нашите војници заедно со војниците од СМ и од други важни членки на НАТО ќе вежбааат заедно  во рамки на една многу важна вежба на овој полигон, изјави Брнз. Таа изрази благодарност до министерката Шекеринска што, како што рече, го препозна потенцијалот на овој плогион и заложбите да се развие овој полигон за АРМ на РСМ и за НАТО. - Ми беше мило што имав можност да слушнам од нашите инженерци од САД многу пофални зборови за нивните колеги од АРМ на РСМ како тие заеднички работат и се надевам оваа работа и овој проект ќе продолжи да се развива и понатаму, нагласи амбасадорката Брнз.  свд/цр/

Остани поврзан