• петок, 05 декември 2025

Шекеринска во посета на Финска 

Шекеринска во посета на Финска 

Брисел, 12 ноември 2025 (МИА) – Заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска денеска ќе престојува во финскиот главен град Хелсинки, каде ќе учествува на Министерскиот состанок на организацијата за Нордиска одбранбена соработка (НОРДЕФКО), како и на Арктичкиот вселенски форум на Алијансата. 

НОРДЕФКО е регионална организација за соработка меѓу нордиските земји во областа на одбраната, чии членки се Данска, Исланд, Норвешка, Финска и Шведска. 

Како што соопшти НАТО, покрај учеството на двата форуми, Шекеринска ќе се сретне и со министрите за надворешни работи и за одбрана на Финска, Елина Валтонен и Анти Хаканен, како и со други високи фински функционери. 

Предвидено е и Шекеринска да ја посети цивилната скривница „Мерихака“ во Хелсинки, која е дизајнирана за сместување на 6.000 луѓе во услови на вонредна состојба. Скривницата, која е изградена во 2003 година, претставува модерен подземен комплекс, кој во моментов се користи за цивилни цели како паркинг простор и спортски активности. Во услови на криза, скривницата може брзо да се адаптира за да обезбеди заштита од експлозии и да понуди херметички затворена средена погодна за живот. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан