Шаќири на одбележување на Денот на Републиката во Смилево
- По повод Денот на Републиката – 2 Август, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и градоначалникот на Демир Хисар Ни
Скопје, 2 август 2022 (МИА) - По повод Денот на Републиката – 2 Август, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски денеска положија цвеќе пред споменикот на смилевските илинденци и спомен плочата на партизанскиот одред Даме Груев во село Смилево.
- За време на чествувањето на овој голем празник, беа испратени пораки дека и двата Илиндена се симбол на борбата и истрајноста на сите луѓе кои живееле тука и имаат овдешни корени, за слобода и самостојност. Симбол на жртвата која тие ја имаат направено и кон која секогаш ќе биде оддавана голема почит, затоа што токму таа жртва, на илинденците и асномците ја донесе слободата, а нивниот сон стана наша реалност, се наведува во соопштението од Министерството за образование и наука.
Изразувајќи почит кон сите оние чии имиња се врежани во колективната меморија на народот, се подвлекува, членовите на делегацијата посочиле дека народот не смее да отстапи од патот кој нашите предци го трасираа. Посакаа во иднина граѓаните да бидат уште повеќе обединети и сплотени, бидејќи само така може да се зачува скапо платената слобода, но и да продолжи развојот на државата и создавањето подобри услови за живеење за сегашните и идните генерации. цр/рп/