• вторник, 05 ноември 2024

Шахпаска - ССНМ: Да се подобри положбата на работниците во медиумите

Шахпаска - ССНМ: Да се подобри положбата на работниците во медиумите
Скопје, 14 октомври 2021 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше работен појадок со претставници на Сојузот на синдикатите на новинарите на Македонија (ССНМ), на кој се разговараше за унапредување на работничките права на медиумските работници во земјава. Како што соопшти Министерство за труд и социјална политика, покрај претседателот на ССНМ Павле Беловски, проект менаџерот Дарко Дуридански и членот на ИО на ССНМ, Теодора Цветковска, на средбата присуствуваше и директорката на Државниот инспекторат за труд Јована Тренчевска. На состанокот, како што се наведува, беше отворено прашањето за времетраењето на договорите на определено време, проблем со кој се соочуваат многу новинари во земјава, кои предолго имаат недефиниран работен статус. Министерката Шахпаска информираше дека со новиот системски закон за работни односи, за кој јавната расправа ќе започне веднаш по завршувањето на изборите, драстично ќе се намали траењето на договорите на определено време, кое во моментов е пет години. - Заштита на интересот на работниците за нас е врвен приоритет. Свесни сме за проблемот со договорите на определено време и затоа во новото законско решение ќе има сериозно ограничување и на времетраењето и на условите под кои можат овие договори да се продолжуваат, најави министерката Шахпаска. Таа информираше дека во јавната расправа за новиот закон за работни односи ќе бидат вклучени сите, вклучително и медиумските работници, како една многу значајна дејност во општеството.       Претседателот на ССНМ Беловски посочи дека само преку интензивна соработка меѓу Синдикатот и институциите може да се дојде до конкретни резултати за подобрување на положбата на работниците во медиумите. Тој побара институциите активно да се вклучат во заштита на правата на новинарите и другите медиумски работници бидејќи, според него,  само така ќе може да се спречи злоупотребата на медиумскиот труд од страна работодавачите. Директорката на Државниот инспекторат за труд Тренчевска нагласи дека и во моментов и во иднина ќе се вршат контроли во сите дејности, вклучително и во медиумската дејност, за да се утврди дали се почитуваат правата на медиумските работници. На состанокот беше отворено и прашањето за правото на штрајк кое во моментов, според претставниците од ССНМ, има одредени ограничувања. Министерката Шахпаска информираше дека и за ова прашање во новата регулатива за работни односи се следат светските стандарди и ги повика претставниците од ССНМ активно да се вклучат со свое мислење и предлози. -Сите работници, вклучително и медиумските работници, во мене како министерка и во Министерството за труд и социјална политика треба да гледаат како на партнер во процесот на унапредување на правата. Сите политики кои ги креираме ние ги работиме транспарентно и со вклученост на сите засегнати страни, нагласи министерката за труд и социјална политика. Министерката Шахпаска и претставниците на ССНМ оценија дека во заеднички интерес е да имаат редовни средби на кои заеднички ќе работат и на подобрување на регулативата, но и на институционална соработка. мд/са/

Остани поврзан