• понеделник, 23 декември 2024

Шахпаска: Со законската мерка „Недела – ден на неделен одмор“ го остваруваме барањето на работниците

Шахпаска: Со законската мерка „Недела – ден на неделен одмор“ го остваруваме барањето на работниците
Скопје, 23 јули 2021 (МИА) - Целта поради која го носиме законот за работни односи со кој се дефинира дека недела е ден за одмор се работниците и работничките права. Работниците се основниот човечки капитал којшто учествува во процесот на производство, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Шахпаска, во интервју за весникот на албански јазик „Коха“, потенцира дека во носењето на законското решение со Предлог - законот за работни односи со кој се дефинира дека недела е ден за одмор, кој помина во прво читање на собраниската Комисија за труд и социјална политика, биле вклучени сите засегнати чинители. Таа посочи дека за ова законско решение се разговарало на пет седници на Економско социјалниот совет, на кои претставници на синдикатите и на работодавачите ги кажале своите ставови. За овој законски предлог се дискутираше и со Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на РСМ со Комората на северно-западна Македонија. - Нашата намера како предлагачи на законот не е само да го исполниме нашето изборно ветување на парламентарните избори, како што знае опозицијата да адресира, туку да се излезе во пресрет на барањата на работниците за воспоставување на еден баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Кога предлагате законско решение, најмалку што сакате е да постигнете негативен ефект – отпуштање на работници. Апелирам до работодавачите да го почитуваат ова законско решение, кога ќе се усвои, затоа што е многу тешко да се стигне до работна сила во услови кога бевме соочени со пандемија, и кога генерално квалификувана работна сила недостасува на пазарот, рече Шахпаска. Според министерката Шахпаска, реализирањето на законското решение недела - ден за одмор, ќе генерира задоволство кај работниците кое пак, ќе предизвика зголемување на продуктивноста, која ќе значи поголем профит и на работодавачите. - Намерата беше 92 отсто од работниците да не работат во недела, и тоа го испорачува ова законско решение. Само осум отсто од работниците во оние дејности кои се неопходни, околу 42 таксативно наведени во предлог - законското решение ќе мора да работат во недела за да може државата да функционира непречено. Ние сите мора да имаме струја во недела, да имаме пристап до телефонија, да работат здравствените служби, системот за социјална заштита што значи згрижување на деца и стари и лица, царинските служби и службите за обезбедување. Мора да работат и неопходните дејности, како што се копањето на руда, топилниците, оние процеси кои поради  технолошкиот процес не можат да бидат прекинати. Во овие 30 отсто кои се исклучоци, само минимумот на работници кои мора да работат ќе работат во ден недела, рече таа. Таа во интервјуто истакнува дека до сега во употреба се пуштени 14 детски градинки, а уште 12 до крајот на годината.
- Нашата заложба е до завршување на мандатот до 2024 година 60 отсто од децата од предучилишна возраст, да бидат сместени во градинки. Отворени се градинки и во Прдејци-општина Гевгелија, но и градинка во која има мешана група од 20 деца во Разловци, општина Делчево. Работиме на градинки во Градско и Росоман, а Могила ни е во следниот период, рече Шахпаска во интервју за „Коха“. фф/нд/

Остани поврзан