• понеделник, 23 декември 2024

Шампионот Иван Радев:Ултрамартонот  не е само трчање и трчање, тоа е и љубовта кон природата

Шампионот Иван Радев:Ултрамартонот  не е само трчање и трчање, тоа е и љубовта кон природата

Штип, 16 јули 2023 (МИА) - Мора да се сака трчењето, природата, но и да се ужива во тоа. Ова е рецептот за успехот и да се поминат над 100 километри, вели за МИА ултрамаратонецот Иван Радев. Дваесет и осумгодишниот Радев од Штип е невработен лекар и шампион во ултрамаратон. На македонската јавност и е познат по освоеното прво место на „Охрид ултра-трејл“, а минатиот месец учествуваше и на трка во Италија. Помина 120 километри со 6.000 метри искачување во Кортина д’Ампецо.

Радев смета дека убавината во овој спорт е во едноставноста и достапноста. Секој, секаде, во секое време може да излезе надвор и да трча, без разлика дали е на рид, планина или на патека покрај кеј. Неговата приказна со ултрамаратонот почнува пред четири до пет години.

- За трчање се определив како услов да намалам од вишокот килограми, што е нешто што го прават многу луѓе. Се сеќавам дека тоа беше период во кој конечно ги откажав цигарите, па како несакан ефект, за краток период, качив и доста килограми и решението го побарав во трчањето. Почетоците ми беа скромни, буквално исти како и на секој друг почетник во било кој спорт. Иако претходно тренирав ракомет од мои 12 години, се до 20-21, сепак трчањето како нов предизвик ми беше навистина тешко на почетокот,  вели Радев.

Посочува дека првото трчање му било на патеката покрај реката Брегалница, каде што штипјани пешачат, трчаат, возат велосипед, а спортистите тренираат. На почетокот трчал од два до три километри и тоа со паузи, што, како што вели, било и очекувано за неговата физичка состојба.

-Со тек на време, трчањата од два-три километри стануваа се почести, подолги и побрзи. Па не помина многу време пред да се пријавам и на првата официјална трка, а тоа беше полумаратон 21 километар во Струмица. Претходно немав никогаш истрчано толку долга патека, па да бидам искрен, малку бев и исплашен дали ќе успеам да ја завршам трката. За среќа, се помина во најдобар ред и тој полумаратон ми ја ги отвори вратите кон трчањето уште повеќе, по што следеше период со експериментирање со различни тренинзи, планирање на тренинзи на неделно ниво, следење на прогрес, рече Радев.

Скромен, со насмевка која шири позитивна енергија кон соговорникот, а токму, вели, преку овој спорт запознал и многу пријатели од сите возрасти, бидејќи на ултрамаратоните почесто среќава луѓе над 40 години, поретки се помладите на кои ултрамаратоните им се пасија.

На Радев вистинска опсесија му е треил или планинско трчање. Планинското трчање офаќа широк спектар на различни дисциплини, како на пример: вертикален километар, скајранинг, скајултра и ултрамаратони.

- Она што јас всушност најмногу го сакам е трчањето на ултрамаратони, односно трчање во планина дистанци над 42.2 километри. Патеката од 42 километри и 195 метри е маратон, таа е во чест на војникот кој трчал од Маратон до Атина за да ја објави победата на Грците над Персијците, се над тоа е -ултрамаратон. Најчести дистанци кои се среќават на трките се 50, 80, 100, 120, 160, па и повеќе. Но, тоа не е само трчање и трчање, тоа е и љубовта кон природата, која љубов заедно со трчањето „без крај“ се главните причини кои, на некој начин, ме насочија да тежнеам кон трчање на долги патеки, потенцира Радев.

Во разговорот за МИА вели дека учеството на ултрамаратоните бара и многу финансии, затоа и на годишно ниво си има зацртано да учествува на три ултрамаратони. Трката на падините на планината Галичица е досега најголем успех за Радев. Петтото издание на настанот оваа година беше составено од четири трки во планинско трчање кои започнаа од различни локации од националниот парк Галичица, а сите завршија на Градскиот плоштад во Охрид.

-Секоја трка е различна. Теренот по којшто трчам е различен, Алпите се многу поразлични од наша Галичица и Пирин, додава Радев.

Тој ја истрча патеката во Охрид прв со време од 14 часа, 36 минути и 17 секунди. Најдолгата дистанца, што го носи и името на настанот, ги минува ниските делови на Галичица до Свети Наум, од каде остро се качува до највисоките делови на Стара Галичица.

- Станува збор за планинска трка во должина од 107 километри со висинско искачување од 5.000 метри. Патеката е планинска, технички терен, доста предизвикувачки, ние во Штип немаме нешто приближно со тоа, така што станува збор за технички терен во планински услови, со многу искачувања, многу спуштање, главно, тешко, вели Радев.

Тој открива дека има многу предизвици и убавини во учеството на ултрамаратоните, но и блиски средби со диви животни. Една таква средба очи во очи имал и со мечка. Во прв момент бил шокиран, за среќа од оваа средба со мечката нема последици. Радев е целосно предаден на трчањето кое за него претставува начин како да се рекреира, да се релаксира, но и да инвестира во сопствената психофизичка благосостојба.

-Престојувањето во природа и физичката активност ме прават подобар човек и тоа се главните причини зашто, всушност, секојдневните трчања по штипските ридови од два до три часа не ми претставуваат проблем, туку задоволство, рече Радев.

Овој млад човек не се предава, бидејќи, како што вели, без разлика дали на наредниот натпревар ќе заврши прв или последен, тој пак ќе излезе да трча следниот ден.

- Едноставно, главна мотивација не ми претставува пласманот, туку процесот. Трчањето е во огромен подем кај нас во Македонија, како трчањето на рамно, така и планинското трчање. Секоја година има се повеќе трки, се повеќе трчачи и тоа ме прави особено среќен. Тоа е спорт кој не познава никакви граници. Не постојат старосни, полови, тежински или било какви граници. Постојат луѓе кои буквално ги поместуваат границите на она што претходно сме го сметале за невозможно во поглед на спремноста и издржливоста на човечкиот организам. На трките на кои учествувам, често ќе видете повозрасни трчачи од 40-50 па и над 60 години кои не само што не трчат „колку да се каже“, туку голем број од нив се исто толку брзи како и некој на моја возраст, што доволно кажува дека човечкото тело е едноставно фасцинантно, додава Радев.

Ултрамаратонецот Радев е невработен лекар, бара работа на неговата струка, но, нагласува, во неговиот роден град нема многу огласи за вработување. Се пријавил на последниот за вработување во Клиничка болница-Штип. Во моментов, е на став да живее и работи во Штип, засега трпение има, но доколку наскоро не се вработи на струката логично е оти решението ќе го бара во Скопје или надвор од границите на земјата. Плановите пак за трчањето се знаат, тој интензивно се подготвува за ултрамаратонот во септември на Пирин во соседна Бугарија. 

Викторија Димитрова-Јованова

Фото: МИА и од  архива на  Иван Радев

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан