• сабота, 23 ноември 2024

Шаленберг: Австрискиот канцелар доаѓа во Москва да му ја каже вистината на Путин

Шаленберг: Австрискиот канцелар доаѓа во Москва да му ја каже вистината на Путин
Виена, 11 април 2022 (МИА) - Посетата на австрискиот канцелар Карл Нехамер, кој во понеделник ќе се сретне со Владимир Путин, на рускиот претседател треба да му ја претстави вистината за војната во Украина, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг.
„Важно е да му се каже в лице каква е реалноста: дека овој претседател де факто морално ја загуби војната“, рече Шаленберг по пристигнувањето на состанокот со колегите од ЕУ во Луксембург.
„Треба да биде во негов интерес некој да му ја каже вистината. Мислам дека тоа е важно и тоа си го должиме себеси ако сакаме да спасиме човечки животи“, додаде тој.
Австрискиот канцелар е првиот европски лидер кој ќе се сретне со Путин во Москва од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Нехамер на Твитер напиша дека Австрија е воено неутрална, но дека има јасен став за агресивната војна во Украина.
„Војната мора да престане. Ни требаат хуманитарни коридори, прекин на огнот и истрага за воени злосторства“, напиша Нехамер.
Австрискиот канцелар во саботата ја посети Украина за да изрази поддршка на украинската влада и се сретна со претседателот Володимир Зеленски. паг/
   

Остани поврзан