• понеделник, 23 декември 2024

Шакири: Ќе бидам градоначалник на сите граѓани на Градот Скопје

Шакири: Ќе бидам градоначалник на сите граѓани на Градот Скопје
Скопје, 4 октомври 2021 (МИА) – Доколку бидам избран ќе работам посветено и ќе бидам градоначалник на сите граѓани на Градот Скопје без разлика на нивната партиска, национална, верска и било која друга припадност, порача Арбен Бени Шакири, кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Коалицијата „Одлучно за промени“ на ДОМ и ЛДП на официјалното отворање на Градскиот штаб на Коалицијата. -Заедно со професорот Пановски ќе дадеме се од себе да покажеме  дека сме вистински скопјани, дека сме вистински домаќини и дека ќе работиме посветено и ќе носиме храбри и одлучни решенија. Ќе работиме исклучиво за граѓаните за да ги решаваме проблемите на граѓаните на Градот Скопје. Токму затоа сме тука, а не за да истераме мандат, да ги затвориме кабинетите и да не фатиме ништо што доаѓа од страна на граѓаните. Овој пат  ве уверувам дека тоа нема биде така, изјави Шакири. Носителот на советничката листа за Град Скопје од Коалицијата „Одлучно за промени“  Никола Пановски посочи дека се надева оти отворањето на штабот е почеток на една нова приказна. -Нашата цел на овие избори е да им дадеме шанса на луѓето да бираат „за“. Не држи оправдувањето – нема за кого да гласаме. Еве сме овде, а ако нас не не бива тогаш навистина не гласајте, рече Пановски. Нагласи дека смета оти заедно со Бени имаат шанса да покажат што знаат. -Целта ни е со мене на чело да собереме што повеќе гласови и да го освоиме Советот на Град Скопје. Не мора  да имаме мнозинство, доволно е да имаме толку советници за да не може да формираат мнозинство без нас останатите две партии, кои во своето однесување до сега се погубни за Македонија. На тој начин нема да може да носат одлуки на штета на граѓаните, рече Пановски. Вети дека цело време ќе бидат на располагање на граѓаните и посочи дека за неколку месеци ќе оди во пензија и целосно ќе може да се посвети на Градот Скопје. Претседателката на ДОМ Маја Морачанин рече дека и е многу драго што професорот Пановски и Бени ја прифатиле нивната идеја за движењето „Одлучно за промени“ и се приклучиле како носител на листата на советници и кандидат за градоначалник на Град Скопје. -Ние сме уверени дека со овие луѓе, со целиот тим кој стои зад нив и целата листа на кандидати за советници и советнички, Скопје и скопјани ќе го добијат она што го заслужуваат и што им е потребно како граѓани. Сведоци сме дека во изминатите три децении постојано со менување на едната и другата голема политичка гарнитура Скопје не само што стоеше во место, туку и назадуваше. Ние сакаме да ги обединиме сите граѓани за поздрав и поквалитетен живот во нашето заедничко Скопје, потенцира Морачанин. вј/цр

Остани поврзан