• недела, 22 декември 2024

Членките на ЕУ постигнаа согласност за безбедносните карактеристики на дигиталните уреди

Членките на ЕУ постигнаа согласност за безбедносните карактеристики на дигиталните уреди

Брисел, 20 јули 2023 (МИА) - Земјите членки на ЕУ усогласија заеднички став за безбедносните карактеристики што треба да ги содржат дигиталните производи согласно европскиот Закон за кибер безбедност.

На состанкот на Комитетот на претставниците на владите на земјите членки на ЕУ (КОРЕПЕР) постигнат е договор за безбедносните карактеристики и барања што треба да ги исполнуваат производите со дигитални компоненти, како што се домашните камери и паметните уреди за домаќинство, телевизори и детски играчки, пред да бидат пуштени во продажба на пазарот во Унијата.

Шпанскиот државен секретар за дигитализација и вештачка интелигенција, Карме Артигас Бругал, чија земја е актуелен претседавач со Унијата, оцени дека постигнатиот договор „ја промовира посветеноста на ЕУ за обебзедување сигурен дигитален единствен пазар“.

- Ова е важна пресвртница за шпанското претседателство и со нетрпение очекуваме да ги почнеме преговорите со Парламентот колку што може побрзо, изјави Артигас Бругал.

Индустријата ќе биде насочена кон производство на поквалитетни уреди кои траат подолго, производство на резервни делови и проширување на сервисните мрежи. Со методот „купи, употреби, фрли“ се

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, со усогласените правила се воведуваат задолжителни барања поврзани со кибер безбедноста при дизајнирањето, развојот, производството и пласирањето на хардверски и софтверски производи на европскиот пазарот.

Заложбата за постигнување единствени правила на ниво на Унијата е со цел да се избегне преклопување на критериумите што би можеле да произлезат од различни закони поврзани со оваа сфера во земјите членки на ЕУ.

Дигитализираните уреди, согласно договореното, ќе мора да задоволуваат одредено ниво на кибер безбедност кога се продаваат на територијата во ЕУ, со што ќе се обезбеди ефективна заштита на компаниите, институциите и домаќинставата од кибер закани.

Предлогот има за цел да ги надомести празнините и да го направи Законот за кибер безбедност поконзистентен, гарантирајќи дека производите со дигитални компоненти ќе бидат безбедни за користење, а во исто време и да им помогне на потрошувачите да носат соодветни одлуки при набавката на хардверски и софтверски производи.

Европска комисија објави предлог Акт за кибербезбедност, според кој производителите на паметни апарати мораат да внимаваат на отпорноста на апаратите од кибернапади

Овие правила нема да се однесуваат на медицинските уреди, воздухопловите и возилата, бидејќи за нив веќе постојат одредени барања за кибер безбедност утврдени со постојните регулативи на ЕУ.

Усогласените правила на КОРЕПЕР во основа го задржаа општиот пристап на предлогот инициран од Европската комисија, кој предвидува одговорност на производителите да обезбедат усогласеност на производите со барањата за дигитална безбедност, вклучително и проценка на ризикот од кибер безбедноста, декларација за усогласеност, како и соработка со надлежните органи.

Основниот предлог на ЕК на седницата на КОРЕПЕР беше надополнет со амандмани, кои меѓу останатото предвидуваат евентуалните инциденти или пропусти со дигиталните уреди да се пријавуваат до надлежни органи на земјите членки, а не до Агенцијата за кибер безбедност на Европската Унија (ЕНИСА), да се воспостави единствена платформа за размена на информации, декларициите на дигиталните производи да содржат елементи за одредување на нивниот очекуван век на траење, како и да се обезбедат мерки за поддршка на малите и микро претпријатија.

Со постигнувањето на договорот во рамките на КОРЕПЕР се отвора патот шпанското претседателство да иницира преговори со Европскиот парламент за утврдување на конечната верзија на предложената законска регулатива. сп/лв/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан