• понеделник, 23 декември 2024

Членките на ЕУ го усогласија ставот за измените на правилата за третман на отпадните води 

Членките на ЕУ го усогласија ставот за измените на правилата за третман на отпадните води 

Брисел, 17 октомври 2023 (МИА) - Советот на ЕУ усогласи заеднички пристап за предлогот на Европската комисија за измени на Директивата за третман на урбаните отпадни води, иницирани согласно Акцискиот план на Унија за нулто ниво на загадување, соопшти шпанската вицепремиерка и министерка за еколошка транзиција и демографски предизвици Тереза Рибера Родригез. 

- Постигнавме важен договор за подобрување на веќе ефикасното собирање и третман на урбаните отпадни води во ЕУ. Тој не носи чекор поблиску до целта за нулто ниво на загадување што ја поставивме за Европа. Придонесот на овој сектор кон нашите климатски цели е клучен и новите правила дополнително ќе ни помогнат да ја заштитиме животната средина и здравјето на нашите граѓани, истакна Рибера Родригез, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, усогласениот пристап ќе претставува основа за преговори на Советот на ЕУ со Европскиот парламент за конечниот текст на измените на Директивата за третман на урбаните отпадни води. 

Идејата на измените на Директивата е проширување на нејзиниот опсег на мерки за третман на отпадните води во градските средини и нејзино усогласување со целите на Европскиот зелен договор. Со измените, мерките на Директивата покрај на заштитата на животната средина, се прошируваат и на заштитата на здравјето на луѓето и намалувањето на емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина. 

 Пречистителната станица за фекални отпадни води што пред неполни четири години почна со работа во Кичево, дава огромен придонес реките во овој регион да бидат многу почисти и да не се случув

Со предлогот пошироките градски подрачја со над 100.000 жители мора да воспостават интегриран план за управување со урбаните отпадни води најдоцна до 2035 , а оние со помеѓу 10.000 и 100.000 жители до 2040 година. Сите планови за интегрирано управување мора да се ревидираат најмалку на секои шест години. 

Се предвидува и задолжителна обврска за изградба на колектори за отпадни води и за секундарен третман, односно отстранување на биоразградлива органска материја од урбаните отпадни води во сите пошироки градски подрачја со најмалку 1250 жители до 2035 година. Исклучок е оставен за помалите урбани подрачја во членките кои се приклучија на ЕУ по 2004 година, на кои им е оставен простор за продолжување на роковите за усогласување за осум година, а во оние што станаа членки на Унијата по 2006-та за 12 години. 

Дополнително, до 2045 година земјите членки ќе треба да обезбедат примена на терцијарен третман, односно отстранување на азот и фосфор од отпадните води во урбаните средини со над 150.000 жители. Отстапување од ова барање е можно ако прочистените урбани отпадни води повторно се користат за земјоделско наводнување, под услов да нема еколошки и санитарни ризици.  

До 2045 година за сите пошироки градски средини со над 200.000 жители ќе биде задолжителен и кватернарен третман, односно отстранување на широкиот спектар на микрозагадувачи. Притоа, се воведува обврска за производителите на фармацевтски и козметички производи што доведуваат до загадување на урбаните отпадни води од микрозагадувачи, да придонесат во покривање на дополнителните трошоци за кватернарниот третман. 

Во текот на јануари годинава во пречистителната станица за отпадни води Волково пречистени се вкупно 71.339 кубни метри отпадна вода. Притоа, од механичкиот предтретман на водата се отстранет

За усогласување на секторот за третман на урбани отпадни води со целите на ЕУ за климатска неутралност, се предвидува пречистителните станици до 2045 да почнат сами да ја произведуваат енергијата што ја трошат на самата своја локација или надвор од неа, при што е оставена можност за купување до 30 проценти од струјата од надворешни извори. 

Дополнително, се воведува и обврска за следење на здравствените параметри во урбаните отпадни води за утврдување на присуството на патогени вируси, како корона вирусот, полио и вирусот на грип. 

Директивата за третман на урбаните отпадни води во ЕУ е усвоена во 1991 година со цел да ја заштити животната средина од негативните ефекти на испуштањето на отпадните води од урбаните извори и специфичните индустрии. Во 2019 година Еврокомисијата спроведе евалуација на Директивата, која потврди дека нејзината имплементација доведе до значително намалување на испуштањата на загадувачки супстанци, како и дека 98 проценти од отпадните води во ЕУ се соодветно собрани, а 92 отсто добиваат соодветен третман. 

Сепак, евалуацијата покажа и дека се уште има извори на загадување кои не се соодветно опфатени со сегашните правила, како што се помалите градски средини, прелевањето на атмосферските води и микрозагадувачите кои ја загрозуваат животната средина, како и дека секторот за третман на урбани отпадни води е еден од најголемите потрошувачи на енергија во јавниот сектор. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан