• понеделник, 23 декември 2024

Чивнинг стипендии на Владата на Обединетото Кралство

Чивнинг стипендии на Владата на Обединетото Кралство

Скопје, 10 август 2022 (МИА) - Чивнинг секретаријатот прифаќа апликации за стипендии за учебната 2023/2024 година од 2 август до 1 ноември 2022, со пријавување на www.chevening.org/apply. За 2023/2024 на глобално ниво ќе бидат доделени над 1500 Чивнинг стипендии.

Тие се дел од глобалната програма на британската Влада за стипендирање, финансирана од Министерството за надворешни работи, комонвелт и развој. Стипендиите поддржуваат студирање на британски универзитет за едногодишни магистерски студии и за индивидуалци кои покажуваат потенцијал да станат идни лидери, носители на одлуки и креатори на мислење.

Британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон по повод повикот за стипендирање порачува дека стипендијата е одлична можност за оној кој има страст да направи промена, било на локално или на глобално ниво, кој сака да биде најдобар во она што го прави и ако има имагинација да ги инспирира и другите.

- Не постои „типичен“ студент. Твојата возраст, раса, пол, религија и културолошка позадина не ни е важна. Сакаме да видиме дека имаш енергија, љубопитност, јасна визија за својата иднина и можност за остварување на твоите цели. Ако ова звучи како твој опис, тогаш постои голема веројатност да станеш дел од алумни заедницата која брои преку 50 000 членови ширум светот. Нашата алумни мрежа е полна со динамични луѓе кои го споделуваат искуството што вие ќе го доживеете. Тие ќе овозможат охрабрување, менторство, совети и контакти. Кога ќе се вратите дома по студиите,  ќе се чувствувате подготвени да направите вистинска професионална разлика. Голема е придобивката од поднесувањето на апликацијата, затоа ако го поседуваш она што треба за да бидеш Чивнинг стипендист, ве охрабрувам да аплицирате пред крајниот рок 1 ноември, вели Лосон.

Информации за критериумите за аплицирање се содржани на www.chevening.org/scholarships. Како што е наведено во конкурсот достапен на веб-страницата на МОН, повикот за нови апликанти следува по изборот на седум стипендисти од Република Северна Македонија, кои добија стипендија за магистратура на универзитет во Обединетото Кралство оваа година. Избраните кандидати ги споделуваат своите приказни преку #ChosenForChevening хаштагот на Твитер и Фејсбук.

Програмата за стипендирање е креирана во 1983 година и оттогаш преку Чивнинг над 50 000 професионалци добиле можност да се развиваат во Обединетото Кралство. Чивнинг стипендистите се од над 160 земји и територии во светот, а во последните пет години се доделени речици 10 000 стипендии. хс/сп/

Остани поврзан