Чешкиот претседател предупреди на нови поделби во Европа
Прага, 21 март 2023 (МИА) - Чешкиот претседател Петр Павел денеска предупреди на нови поделби во Европа поради војната на Русија против Украина.
- Земјите од централна и источна Европа одиграа многу активна улога во поддршката на Украина и стекнаа чувство на самодоверба, рече Павел на заедничката прес-конференција со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер во Берлин.
Како што рече, би било „жално доколку влезат во конкуренција со таканаречената традиционална Западна Европа“ и дека е неопходно дополнително да се зајакне единството на Европа.
Павел нагласи дека е неопходно посилно единство меѓу земјите на ЕУ не само за да се спротивставиме на руските планови, туку и на влијанието на Кина.
Тој додаде дека Германија, најголемата европска економија, треба да преземе поголема одговорност за безбедноста и одбраната на Европа.
Штајнмаер рече дека Германија, заедно со своите европски партнери, ќе продолжи да дава силна поддршка за Украина.
- Со нападот на Украина, Русија го уништи мировниот поредок во Европа. Русија брутално го прекрши меѓународното право, рече германскиот претседател.
Тој додаде дека разговарал со Павел за најновите случувања и начините за обезбедување дополнителна поддршка на Украина за одбрана од Русија.
- ЕУ и НАТО се решени да ја продолжат својата финансиска, економска, хуманитарна и воена помош за Украина, потенцираше Штајнмаер.
Германија долго време води дипломатија и се залагаше за енергетска соработка со Русија, но ја промени својата политика во февруари минатата година, по рускиот воен напад врз Украина.
По неколкумесечниот притисок од САД и сојузниците во Источна Европа, владата на канцеларот Олаф Шолц, исто така, се согласи да и достави на Украина тешко оружје, вклучително и противвоздушни пушки „Гепард“ и борбени тенкови „Леопард“. ссм/
фото: ЕПА