Чешка е подготвена да предводи експертска мисија за проверка на нафтоводот „Дружба“
- „Европската Унија треба да испрати експерти во Украина. Ние велиме: постои спор меѓу Украина, Унгарија и Словачка. Треба да ги смириме односите, да ги префрлиме од емотивна политичка дискусија во конкретна“, рече Хавличек.
Прага, 16 март 2026 (МИА) - Вицепремиерот и чешки министер за индустрија Карел Хавличек денеска во Брисел изјави дека Прага е подготвена да предводи мисија од европски експерти за проверка на вистинската состојба на нафтоводот „Дружба“ во Украина, оштетен од рускиот напад и сега во центарот на политички спор меѓу Унгарија и Словачка, од една страна, и Украина, од друга.
„Европската Унија треба да испрати експерти во Украина. Ние велиме: постои спор меѓу Украина, Унгарија и Словачка. Треба да ги смириме односите, да ги префрлиме од емотивна политичка дискусија во конкретна“, рече Хавличек.
Прага предлага, што според мислењето на вицепремиерот и министер за индустрија е реално остварливо, тим од чешки експерти заедно со експерти од други европски земји да одат на местото и да ја проверат состојбата на нафтоводот, а потоа да направат независна процена за тоа колку се оштетени цевките и кога би можела да се обнови работата на „Дружба“.
Будимпешта и Братислава, од една страна, и Киев, од друга, ја префрлаат вината еден на друг и се расправаат дали Украина намерно уценува и не испорачува руска нафта иако може, или дали унгарскиот премиер Виктор Орбан игра на остра антиукраинска карта пред парламентарните избори и ја блокира итно потребната помош, заем од ЕУ за Украина.
Полска исто така е за мисија на експерти од ЕУ, која е на страната на Украина во овој спор, а новата чешка влада на премиерот Бабиш зазеде неутрална позиција.сд/јт/
Фото:МИА архива