• недела, 22 декември 2024

Четири години членство во НАТО: Северна Македонија фактор на стабилност на Западниот Балкан

Четири години членство во НАТО: Северна Македонија  фактор на стабилност на Западниот Балкан

Скопје, 26 март 2024 (МИА) – По повод четири години од членството на Северна Македонија во НАТО, Владата одржа свечена седница со која претседаваше техничкиот премиер Талат Џафери. 

Тој се осврна на патот до зачленувањето и истакна дека од 1993, кога во Собранието е усвоена Резолуцијата, поминавме многу премрежија, активно придонесуваме во мировни мисии заедно со армијата на другите земји во Алијансата, за денес да бидеме почитувана и вреднувана членка „која има свое место на масата за одлучување и е фактор на стабилност на Западен Балкан“.

Влезот во НАТО беше обезбеден со реформи и со Преспанскиот договор односно, како што рече Џафери, „со мудри и храбри државнички одлуки на тогашната Влада“. Посочи дека членството во Алијансата ги обединило натпартиски и надетнички и граѓаните, покрај политичките субјекти.

Нагласи дека со членството во Алијансата ние сме дел од најразвиените демократии во светот и сме учесници во зачувување на мирот за над една милијада луѓе, а нашата армија се трансформирала на ниво на сојузниците „и се носи рамо до рамо со високи пофалби“. 

-Верувам дека сите граѓани се горди на глетката како знамето на Северна Македонија се развиорува пред седиштето на НАТО во Брисел. Тоа е слика на историјата и иднината во едно место. Горд сум што успеавме да испишеме таква историја. Денес Северна Македонија е вреднувана членка на Алијансата, не само што живееме во стабилност и извесност, туку ние сме фактор на стабилност на Западниот Балкан, истакна Џафери.

Гледајќи ги актуелните кризи во светот и сите разгорени жаришта, нагласи тој, „се докажува исправноста на сите тешки одлуки кои не доведоа до денешното членство во НАТО“.

- Ги гледаме и слушаме ужасите низ светот, но без страв за нас оти знаеме дека НАТО е најсилната безбедносна гаранција. Тоа е доказ дека секоја направена жртва вредеше, истакна Џафери, додавајќи дека НАТО-сојузот е уште пообединет и со јасна визија за сојузништво со приклучувањето на Финска и Шведска во изминатите две години. 

Посочи и дека членството не ни носи само привилегии туку и обврски за јакнење, како што рече - да бидеме поотпорни и посилни, и да се носиме со предизвиците кон одбраната што ги носат трендовите.    

-Спремност за политика на одбрана и одвраќање, која не значи само нова опрема и буџет, туку активно обучување на армиските припадници. Способностите на Армијата цело време се третирани со приоритет, со што се исполнува целта на нејзиното постоење, додаде техничкиот премиер. 

Годишнината од членството во НАТО на свечената седница ја честиташе и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој нагласи дека овие четири години значат безбедност зашто членството придонело за зачувување на стабилност на државата и дека тоа дошло во вистински момент „пред почетокот на агресијата на Русија над Украина“.

-Може да замислиме каква ќе беше ситуацијата во регионот ако ние не бевме членка на НАТО, во тие услови на империјални руски амбиции. Украина е само станица на тие амбиции на Русија и една од тие станици би бил Западниот Балкан, рече Османи, подвлекувајќи го придонесот на земјава во обезбедувањето стабилност и за помош за Украина. Притоа посочи и на учеството во други мисии на нашата армија и дека сме ги достигнале 2 проценти од БДП како наша задача.

Во однос на јубилејните 75 години од формирањето на НАТО (4 април 1949), шефот на дипломатијата истакна и дека политиката на отворени врати е една од најуспешните политики на Алијансата.

-Сакам да изразам задоволство од зачленувањето на Шведска и Финска, ние не сме веќе најновата членка. Со нивните одбранбени капацитети сигурно ќе се зајакне улогата на НАТО и на сите сојузници. Но, и европската интеграција е безбедносно прашање, така што ќе мора и ЕУ да продолжи со политиката на отворени врати зашто членството во Унијата веќе се гледа, пред се, како безбедносно прашање кое ќе го консолидира регионот и во тој правец, истакна Османи. 

На седницата се обратија и првиот вицепремиер Бојан Маричиќ и министерката за одбрана Славјанка Петровска.  

Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата на 27 март 2020-та, 27 години откако Собранието во 1993 едногласно усвои Резолуција во која се дефинирани надворешно-политичките приоритети на земјата - членството во НАТО и во Европската Унија.

На 15 ноември 1995 година државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. 

Во април 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија стекна статус на земја кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.

Поканата за членство се очекуваше на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Неа тогаш ја добија  Хрватска и Албанија, но во финалната Декларација од тој самит, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство откако ќе го реши спорот за името со Грција. 

На 25 декември 2017 Собранието донесе декларација за забрзување на реформските и интеграциските процеси за зачленување во НАТО. хс/ев/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан