• сабота, 23 ноември 2024

Чесите ќе добијат компензација од државата, штом сметките надминат 30 отсто од приходите

Чесите ќе добијат компензација од државата, штом сметките надминат 30 отсто од приходите
Прага, 18 август 2022 (МИА) - Поради поскапените енергенси, чешкиот премиер Петр Фијала вети компензација за граѓаните преку станбен додаток, за сите оние чии сметки надминуваат 30 отсто од нивните приходи, а во Прага штом се над 35 проценти од приходите. - Владата нема да дозволи кој било да пропадне. За домување граѓаните ќе плаќаат максимално 30 отсто од своите приходи, во Прага 35 проценти и тоа вклучувајќи ги сите плаќања за енергија. За сите трошоци над 30 отсто од приходите, државата е подготвена да плати, истакна Фијала, јави телевизијата ЧТ. Станбениот додаток во Чешка не е новост. Досега беше вид социјална помош за најсиромашните семејства. Фијала сега апелираше граѓаните да не се срамат да го бараат и оние кои до зголемените трошоци за енергија годинава, немале право на додатокот, пренесе Бета. Во првата половина од годинава, државата преку станбен додаток исплати околу 208 милиони евра. Кон крајот на август ќе бидат познати и деталите за посебна поевтина тарифа за струја и гас за домаќинства, во чии рамки државата со 2,5 милијарди евра ќе ги субвенционира трошоците за идната грејна сезона на граѓаните за скапата енергија. Министерството за индустрија и трговија почнува со проверка на авансните плаќања што енергетските компании им ги испраќаат на потрошувачите, затоа што се множат информациите за злоупотреба на поскапувањето, потрошувачи плаќаат аванси повисоки од крајните трошоци. бд/зш/

Остани поврзан