• вторник, 24 декември 2024

Час на планетата Земја - над 8.000 градови во 180 држави ќе ги исклучат светилките

Час на планетата Земја - над 8.000 градови во 180 држави ќе ги исклучат светилките
Скопје, 28 март 2020 (МИА) - По повод глобалната еколошка акција, Часот на планетата Земја, нашата држава вечерва во 20:30 часот, заедно со над 8.000 градови во над 180 држави низ светот, ќе ги исклучи светилките со цел испраќање силна порака за спас на нашата планета. Од Часот на планетата Земја повикуваат годинава, наместо од улиците, да се обединиме во своите домови и заеднички да покажеме дека сега не е време да се откажеме, туку можност да реагираме уште покреативно. - Во период кога глобалниот биодиверзитет се намалува со невидени и алармантни стапки, додека паралелно на еден милион животински и растителни видови им се заканува целосно исчезнување од лицето на планетата, а Земјата е на чекор од уништување поради глобалното затоплување, сега е повеќе од потребно да се подигне свеста дека природата е фундаменталма основа за здрава планета и непосредно и најмоќно решение за спас од климатските промени, информираат организаторите. Во својата мисија, како што се наведува во соопштението, Часот на планетата Земја секогаш ја потенцира моќта на луѓето и затоа здравјето и благосостојбата на нивните поддржувачи секогаш биле на првото место. По тој повод, вечерва и македонските пејачи и инфлуенсери во 20:00 часот преку инстаграм-сесија ќе остварат заедничка онлајн дружба дома, а потоа во 20:30 часот заеднички ќе ги исклучат светилките со цел испраќање силна порака за спас на планетата. - Ги повикуваме граѓаните и сите наши поддржувачи да ни се приклучат на едно и полчасовниот спектакл на нашиот инстаграм-профил @earthhourmk, каде што ќе имаме можност заеднички да уживаме во настапите во мрак на нашите „Некст тајм“, ДНК, Антонија Гиговска, Иван Јованов, Огнен Здравковски, Теа Трајковска, а исто така ќе можеме да поразговараме и за климатските промени со Ване Марковски, Ирена Спировска, Татјана Алексиќ и многу други, соопштија од иницијативата Часот на планетата Земја и испратија апел до другите естрадни личности да го прифатат овој еколошки предизвик. Оттаму посочуваат дека сега е време за почитување на правилата и на солидарност. Мора, порачуваат, да си се чуваме едни со други, мора да направиме нашиот глас да биде слушнат за посигурна, почиста и поздрава иднина за нас и идните генерации. Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата. бт/ац/

Остани поврзан