• петок, 22 ноември 2024

ЦУК: Изминатите 24 часа - 10 пожари на отворено, еден сѐ уште активен

ЦУК: Изминатите 24 часа - 10 пожари на отворено, еден сѐ уште активен

Скопје, 8 ноември 2024 (МИА) - Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информира за регистрирани 10 пожари на отворен простор изминатото деноноќие. Од нив, девет биле изгаснати, а еден сѐ уште се води како активен.

Пожарот што е сѐ уште активен е во општина Крушево. Избувнал на 3 ноември, горела букова шума на место викано „Белушки ледини“ над селото Белушино. На 6 ноември, пожарот повторно се активирал.

- Гореле букова шума и сува трева. Вчера на гаснење се упатиле тројца пожарникари од ТППЕ -  Крушево со едно теренско возило и шестмина вработени во ЈП „Национални шуми“ - подружница „Липа“ од Крушево со едно теренско возило. Заради непристапноста на теренот,  гаснењето било отежнато, бидејќи се одело пешки. Пожарот е локализиран и ставен под контрола. Зафатена површина од околу 25 хектари. Заради затемнување, екипата се повлече од терен по 15 часот, по потреба ќе се интервенира во текот на денешниот ден, се појаснува во соопштението.

Според информација од БППЗ на град Скопје, од 16:25 до 17:35 часот со четворица пожарникари и едно противпожарно возило се гаснела запалена ниска вегетација покрај автопатот Скопје - Велес, општина Петровец.

Од ТППЕ - Битола од 23:30 до 14 часот, со едно противпожарно возило и двајца пожарникара, се интервенирало на запалена ниска вегетација во село Добрушево. Од 14:20 до 16 часот, со едно противпожарно возило и двајца пожарникара, се интервенирало на запалено стрниште покрај магистралниот пат Битола - Прилеп.

Од ТППЕ - Охрид од 11:50 до 14:30 часот, со две противпожарни возила и шестмина пожарникари, се интервенирало на запалени плевна, помошен објект и околна вегетација во селото Косел.

Од ТППЕ - Тетово од 14:11 до 14:45 часот, со едно противпожарно возило и четворица пожарникари, се интервенирало на запалено ѓубре, каде гореле и гуми, на локација во близина на продавницата „Рамстор“  во градот.

Од ТППЕ - Куманово, од 11 до 15 часот, со едно противпожарно возило и тројца пожарникари, се гаснело запалено ѓубре во близина на село Доброшане.

Од ТППЕ - Струмица, од 12:50 до 14:05 часот, со едно противпожарно возило и тројца пожарникари, се гаснела сува трева кај село Иловица во општина Босилово.

Од ТППЕ - Гевгелија, во период од 14:20 до 15:30 часот, со едно противпожарно возило и тројца пожарникари, се гаснела запалена сува трева кај село Негорци.

Од ТППЕ - Македонска Каменица, од 10:50 до 13:50 часот, со едно противпожарно возило и двајца пожарникара, се интервенирало на пожар, гореле ниска вегетација и борова шума, кај месноста „Реката“, кај селото Косевица.

- Инаку, РЦУК - Штип известува дека сѐ уште трае блокадата на регионалниот патен правец Кочани - Пониква кај селото Бели од граѓани на Кочани, кои протестираат за решавање на проблемот со депонијата што почна во пет часот на 28 октомври. Се пропуштаат само возилата што превезуваат смет само од општина Кочани. На лице место се присутни екипи од МВР, ПС - Кочани. Сообраќајот се одвива по една коловозна лента. Нема најава до кога ќе трае блокадата, се додава во соопштението на ЦУК.

Изминатото деноноќие имало вкупно 1.842 повика на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК. Од нив, како реални повици биле категоризирани 59,55 проценти, а 22,56 отсто биле за други потреби на граѓаните.

Кон полицијата биле упатени 67,64 проценти, кон Итната медицинска помош - 27,41 отсто, кон пожарникарите - 5,85 проценти, а кон АМСМ - 0,56 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК. бд/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан