• петок, 20 декември 2024

Цукерберг го лансираше „Тредс“, конкурентска мрежа на Твитер

Цукерберг го лансираше „Тредс“, конкурентска мрежа на Твитер

Лос Анџелес, 6 јули 2023 (МИА) - Основачот на „Мета“, Марк Цукерберг вчера ја лансираше долгоочекуваната апликација „Тредс“ (Threads) како главен конкурент на Твитер на Илон Маск, распламтувајќи го соперништвото меѓу двајцата технолошки мултимилијардери.

„Ајде да го направиме ова. Добредојдовте во 'Тредс',“ напиша Цукерберг во својата прва објава на апликацијата, дополнувајќи ја со емотикони со оган.

Тој рече дека апликацијата забележала пет милиони пријави во првите четири часа од своето постоење. Слично на Твитер, апликацијата дозволува кратки пишани објави со копчиња за допаѓање, преобјавување и одговори. Објавите може да бидат долги до 500 знаци и да вклучуваат линкови, фотографии и видеа до пет минути.

„Тредс“ засега е достапен во околу 100 земји на „Епл ап стор“ и „Гугл плеј стор“, се вели во објавата на блогот на „Мета“.

Познавачите велат дека главната предност на „Тредс“ може да биде поврзаноста со „Инстаграм“ и неговите корисници, како и рекламниот простор.

Тајмингот е поволен за Цукерберг, бидејќи месециве на хаотичното однесување и одлуки на Маск „го размрдаа“ Твитер.

Но, од друга страна, историјата е донекаде против Мета. Компанијата на Цукерберг претрпе неуспеси во лансирањето свои апликации, како што е „Ласо“ (Lasso), што се натпреваруваше со соперникот за куси видео - „Тикток“.  си/сд/

Фото: Исечок од официјалната страница на „Тредс“.

Остани поврзан