• понеделник, 18 ноември 2024

Црвенковски: Не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија

Црвенковски: Не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија
Скопје, 27 септември 2021 (МИА) - Веднаш по стекнувањето на независноста во Македонија се постигна широк општествен консензус дека нашата иднина е во НАТО и ЕУ. За жал, и покрај исполнeтите услови уште пред 13 години, заради спорот со Грција ниту станавме членка на НАТО, ниту ги отпочнаме преговорите со ЕУ. Ни беше најавено, па дури и гарантирано дека Преспанскиот договор е клучот што ќе ги отвори двете врати. За жал, испадна дека не е така. Станавме членка на НАТО, но заради позициите на Бугарија не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ, рече во обраќањето на Научниот собир во МАНУ „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“ по повод 30 години независност, поранешниот претседател Бранко Црвенковски. - Во секој случај јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен, рече Црвенковски. Тој се осврна и на уште една тема околу нашето европско интегрирање, кое вели, се смета за наша единствена опција. - Мантра која постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б.“ Го поставувам прашањето, а што ако не заради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање заеднички политики? А такви размислувања во рамки на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива, праша Црвенковски. Тој кажа дека исто не гледа алтернатива ни на исток, ни на Далечниот Исток, но праша дали во таков случај имаме сопствен општествен капацитет, политичка волја и јасна визија да се одржиме и развиваме како суверена држава и без полноправно членство во ЕУ. - Ако нашата главна идеја водилка е: „НАТО ќе нè брани, ЕУ ќе нè храни“, тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме. Зарем не е логично дека никој однадвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци. Па ако е логично што нè попречува така да се однесуваме кон сопствената земја, рече поранешниот претседател Црвенковски. Тој притоа укажа на неколку причини, кои ги смета за клучни што нè попречуваат така да се однесуваме кон државата, а тоа се вели корупцијата, внатрешно длабоко поделена и конфронтирана и дека сме држава која живее на кредити. Во корумпирана држава, рече, нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството, нема квалитетно образование, ниту квалитетно здравство, ниту елементарна доверба во институциите. Додаде дека „Македонија е внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава, каде не е можно да се изгради консензус околу ниту едно стратешки важно прашање, политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели кои треба да се уништат, а изборите, без разлика од кој вид, не се третираат како фер натпревар кој е подобар, туку како гладијаторска борба во која победникот добива се, а поразениот ништо. - Јас сум длабоко уверен дека вака внатрешно конфронтирани, раскарани и замразени, неспособни ниту да седнеме на иста маса, а камоли за нешто да се договориме, немаме никакви шанси да ја направиме Македонија поуспешна, попросперитетна, посакувана во неа да се живее и во неа да се верува. Земјава рече е и држава која живее на кредити, и посочи дека во 2001 година бруто-надворешниот долг (значи вкупниот долг, и на државата и на приватниот сектор) изнесувал 1 милијарда и 494 милиони долари, во 2011 пораснал на 6 милијарди и 271 милион долари, а денес, вели, во 2021 година „тој изнесува фантастични 11 милијарди и 545 милиони долари. - За 20 години, бруто-надворешниот долг пораснал за повеќе од 10 милијарди долари. Па каде завршија тие пари и што е уште поважно, како ќе се враќаат тие пари? Дали овие кредити се искористија за пропорционален раст на бруто домашниот производ? Не! Дали завршија во развиена патна, железнича, енергетска инфраструктура? Сосема мал дел! Дали се искористија во подигање на квалитетот на јавното здравство, на образованието? Прашајте ги граѓаните и ќе ви одговорат дека состојбите на овој план се дури и полоши отколку пред 10 или 20 години. За жал, голем дел од овие средства завршија во апсолутно непродуктивни трошоци и проекти, рече Црвенковски. Забележителен раст, е вели регистриран кај буџетот на државата, и кај бројот на вработени во јавниот сектопр кој денес, во 2021 година изнесува 4 милијарди и 300 милиони евра, и кај вработени во јавниот сектор 197.530 лица. - Вака понатаму не може. Овој балон еден ден, порано или подоцна, ќе пукне, со сите катастрофални последици што од тоа ќе произлезат. На Македонија ѝ е ургентно потребна една национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус и ќе биде задолжителна за спроведување за сите, без разлика кој ќе биде власт а кој опозиција, се додека клучните работи не бидат доведени во ред. Платформа со која ќе се дефинираат начините и средствата за справување со корупцијата. Според мене, треба да се почне со елиминирање на коруптивното финансирање на партиите. Ако со помош на корупција се освојува или сочувува власта, немаме никакви шанси да ја победиме корупцијата во државата. Под итно ни е потребен еден строг ригорозен Закон за потекло на имотот кој ефикасно и неселективно ќе се применува за секого без исклучок. Платформа во која ќе се дефинира план и временската рамка за спроведување за рационализација на администрацијата и јавниот сектор во државата. Платформа во која ќе се дефинира политика и рокови за намалување на вкупниот надворешен долг на државата на подносливо ниво, порачува Црвенковски. За постигнување на нашата стратешка цел - полноправно членство во ЕУ и за обезбедување сигурна и просперитетна иднина на државата и ако членството во ЕУ не е можно, тој смета дека е потребна Плтформа која треба да биде подготвена од водечките наулчни, образопвни и стопански институции во државата - Ја користам оваа прилика да апелирам до МАНУ, до Универзитетот, до Стопанската комора, до Вас Претседателе Пендаровски, како натпартиска и обединувачка институција-покренете таква иницијатива! Откако ќе се заокружи документот треба да им се понуди на политичките партии кои доколку го прифатат ќе стане задолжителен за нив во нивното делување. Каков ќе биде нивниот одговор јас не знам. Но знам дека вреди да се обидеме и дека такво нешто и е потребно на Македонија. Има една реченица која многу често ја слушам во последно време и која многу тешко ми паѓа. А тоа е: „не нé бива ниту ќе нé биде како држава“. Уште повеќе ме погодува затоа што знам дека нé бива и дека можеме. Клучно прашање е дали сакаме. Ако искрено, ама навистина искрено сакаме и целосно се вложиме за остварување на таа цел, тогаш и ќе нé биде. Крајно време е тоа и да го направиме, рече Црвенковски. Во однос на процесот на приватизација и транзиција на општетството Црвенковски истакна дека големите аномалии настанаа во пост-приватизациониот период. Во многу претпријатија вработените под притисок и уцена, вели, во страв да не ги изгубат работните места ги отстапуваа своите акции по минимална вредност па дури и без пари на менаџерските структури. - Едноставно, не создадовме ефикасен механизам за заштита на интересите на малите акционери и тоа беше голема грешка. Губењето на работните места во многу поголема мера се должеше на бројните стечаи отколку на приватизацијата. А стечаи имаше и заради субјективни слабости , но и поради објективни околности (изгубените пазари, блокадите, немањето на кредитна поддршка да се одржи производството и сл.).Во секој случај, се направија крупни грешки. Со денешниве сознанија и искуства, со оваа памет, сигурно дека многу работи јас лично би ги направил сосема поинаку. Но за жал, како во приватниот живот така и во политиката времеплов непостои. Без разлика што ниедна од тогашните одлуки не беше донесена со лоши намери,туку верувајќи во тие и такви тогашни околности, дека се правилни, од денешен аспект гледано негативните последици мора да се признаат. И за успесите кои беа постигнати но и за грешките кои беа направени во периодот додека бев премиер носам целосна одговорност, рече поранешниот претседател Бранко Црвенковски. вг/ац/

Остани поврзан