• понеделник, 23 декември 2024

Ципрас: Очигледна и неизбришлива одговорноста на Владата за пожарите

Ципрас: Очигледна и неизбришлива одговорноста на Владата за пожарите
Атина, 10 август 2021 (МИА) – Одговорноста на Владата на Мицотакис за пожарите е очигледна и неизбришлива, рече лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас на денешната прес конференција, на која упати критики до Владата за начинот со кој се справува со пожарите во земјата и паралелно претстави седум предлози, јави дописничката на МИА од Атина. Ципрас истакна дека несомнено климатските промени се „крајно опасна реалност“, но додаде дека тие не може да бидат изговор. -Владата на господинот Мицотакис не може да се повика на тоа како изговор. Бидејќи ги игнорираше нашите предупредувања, како и предупредувањата на научниците. Уште полошо, ги игнорираше плановите што и ги предадовме. И ова можеби е најсериозната и најкриминалната одговорност што денес треба да ѝ се припише, рече Ципрас. Побара од Владата да преземе политичка одговорност и заедно со опозицијата и експертите да се договори за национален план за обнова и ги претстави седумте предлози на СИРИЗА. Меѓу предлозите се и: сите изгорени површини, согласно Уставот да се прогласат за области што треба да се пошумат; во соработка со партиите да се ​​подготви Национален план за справување со климатската криза и последиците од природните катастрофи; да се ​​усвои предлог-законот на СИРИЗА од 2019 година за формирање Национален орган за цивилна заштита и отпорност, во кој ќе работат лица прифатени од сите партии и кои нема да се менуваат со промената на власта; да се изготви план веднаш да бидат обесштетени погодените од пожарот. -Мојот став е дека за земјата, за да закрепне, потребно е единство, план и решителност. Човечката драма што ја живеат илјадници наши сограѓани, но и целото наше општество, најмалку што бара е консензус на сериозност и почитување, истакна Ципрас. Одговарајќи на новинарско прашање, зошто не бара избори, лидерот на СИРИЗА потенцираше дека последното што го интересира е политички да ги искористи „болката, катастрофата и трагедијата на илјадниците граѓани“. ср/

Остани поврзан