• понеделник, 23 декември 2024

Ципрас достави четврто пратеничко прашање до Мицотакис за скандалот со прислушувањата

Ципрас достави четврто пратеничко прашање до Мицотакис за скандалот со прислушувањата
Атина, 22 ноември 2022 (МИА) – Ново, четврто по ред пратеничко прашање до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, поврзано со скандалот со прислушувањата достави лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас и овој пат прашува дали ќе бидат јавно објавени имињата на полицајците префрлени во Националната служба за разузнавање (ЕИП) за да ракуваат со софтверот „Предатор“, јави дописничката на МИА од Атина. Ципрас во пратеничкото прашање се повикува на информациите објавени во грчките весници, односно на текстот во  „То вима“ дека во периодот 2020- 2022 година во објект на Националната служба за разузнавање функционирал центар за следење со „Предатор“, на десетици политичари, владини функционери, новинари и бизнисмени, за што, според лидерот на СИРИЗА, не постои демант. Како и на текстот во „Документо“, според кој петмина од оние кои биле следени со софтверот, исто така биле прислушувани и од Националната служба за разузнавање (ЕИП), а станува збор за министер од Владата, поранешниот советник на премиерот за национална безбедност, директорот на весникот „Катимерини“, европратеник од Нова демократија, како и раководителот на Генералниот директорат за одбранбена опрема и инвестиции. Дополнително, Ципрас пишува дека премиерот веќе три седмици одбива да одговори на неговите пратенички прашања, првата седмица одби да одговори за веројатноста „земјата да оди на избори со активен парадржавен центар за прислушување“, втората недела одбил да одговори за „веројатноста некои од оние за кои беше откриено дека биле следени со „Предатор“, во исто време да биле официјално прислушувани од ЕИП, а минатата седмица одбил да одговори дали може да се обврзе дека „ниту еден министер од Владата, ниту еден генерален секретар, пратеник или европратеник и ниту еден новинар од објавените листи, покрај нелегалниот софтвер „Предатор“, не бил следен и од ЕИП“. -Веќе е цврсто убедувањето, не само на СИРИЗА, туку и на огромното мнозинство граѓани дека одбивате да дадете одговори затоа што сте знаевте, затоа што сте диригент, морален извршител, а на крајот и виновен за скандалот со прислушувањето, незаконското и „ законското“. Но, континуираните откритија од последните денови ме обврзуваат да истраам и повторно да ја извршам мојата пратеничка должност, за конечно да дојдете да одговорите во Парламентот за големиот скандал што директно го напаѓа демократското функционирање на државата, пишува Ципрас во новото пратеничко прашање. ср/сд/

Остани поврзан