Цените на нафтата скокнаа над 44 долари по новите вести за вакцините
- Цените на нафтата денеска скокнаа на меѓународните пазари над 44 американски долари откако американската корпорација „Модерна“ објави дека ефективноста на нејзината експериментална вакцина пр
Њујорк, 16 ноември 2020 (МИА) - Цените на нафтата денеска скокнаа на меѓународните пазари над 44 американски долари откако американската корпорација „Модерна“ објави дека ефективноста на нејзината експериментална вакцина против Ковид-19 е 94,5 проценти.
На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 1,48 долари во споредба со претходното затворање и изнесуваше 44,26 долари. На американскиот пазар, барелот поскапе 1,5 долар и се тргуваше по 41,63 долари.
На почетокот на неделата, „Модерна“ објави дека нејзината експериментална вакцина против Ковид -19 се покажа како ефикасна кај 94,5 проценти од учесниците во третата фаза од клиничкото испитување. Компанијата планира да аплицира за одобрување на вакцината во САД во следните недели.
Цените на нафтата се поддржани и од податоците на Кина и Јапонија, втора и трета по големина економија во светот. Јапонија излезе од рецесија во третиот квартал и кинеските податоци покажуваат дека рафинериите обработувале рекордни количини сурова нафта на дневна основа во октомври.
Како што пренесуваат странските агенции, доброто расположение е поддржано и од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, кои минатиот месец го намалија производството за нешто повеќе од договорените 7,7 милиони барели дневно. паг/