• петок, 28 јуни 2024

Целосно обновени дрворедот и зеленилото на „Рузвелтова“

Целосно обновени дрворедот и зеленилото на „Рузвелтова“
Скопје, 2 јуни 2021 (МИА) – Во изминатиот период екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ извршија целосно обновување на дрворедот и на зеленилото на „Рузвелтова“. Влегуваме со обновен и целосно заменет дрворед на црвени јасени кои се автентични растенија во скопската котлина и во самиот град Скопје, информира на денешната прес-конференција градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов. На улицата „Рузвелтова“, како што рече, за првпат имаме обновен велосипедски, пешачки сообраќај со цел да се овозможи и алтернативен пристап до зоолошката градина која, според него, е една од најпосетените институции во нашиот град. - Обезбедуваме нов квалитет на јавниот простор во нашиот град. Се обидуваме секаде каде е возможно да ги обновиме и замениме исечените дрва и да ги обновиме дрворедите. На средина сме на пролетниот дел од зазеленувањето на нашиот град и мислам дека зеленилото, тоа што го направивме изминативе три години и те како го менува ликот на нашиот град, рече Шилегов. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ се заблагодари за континуираната поддршка на Град Скопје за сите инфраструктурни зафати и порача дека ова место, кое претходно се користело за диво паркирање, полека пристапува кон целосно ослободување на тротоарите и давање слобода за пешаци и велосипедисти. - За првпат после многу години овие активности се прават координирано на територија на Општина Центар со Градот Скопје. Пред неколку години кога немаше заедничка соработка со градот Скопје во тоа време, имавме ситуација каде се одземаа ингеренции на општината и само се додаваа одредени проблеми кои на жал до ден денеска граѓаните ги трпат. Сега имаме обратна ситуација, ослободување и давање можност за сите оние слободи и права кои ги заслужуваат граѓаните да им се враќаат полека, рече Богдановиќ. Во однос на тоа дека повторно се паркира на велосипедските и пешачките патеки на улицата „Орце Николов“, Богдановиќ повика за трпение додека заврши реконструкцијата, бидејќи, како што рече, втората фаза на реконструкција на улицата отстрани повеќе паркинг места. - За жал ќе мора малку да го користат првиот дел или останатите делови пред Општина Центар. Кога ќе заврши вториот дел, се надевам за две до три недели, зависно од временските услови, гледаме да оди што е можно побрзо, ќе добиеме една убава слика како реално ќе изгледа една половина од улицата, рече Богдановиќ. мс/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан