• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Цвијановиќ: Политичката криза во БиХ ја предизвика Шмит

Цвијановиќ: Политичката криза во БиХ ја предизвика Шмит

Бања Лука, 15 април 2025 (МИА) - Српската членка и претседавач со Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ на денешната средба во седиштето на НАТО во Брисел изјави дека политичката криза во БиХ ја предизвика високиот претставник Кристијан Шмит и дека Дејтонскиот договор не му дава право на ниту еден странец да донесува закони или да го менува Уставот.

„Никој нема право, освен домашните институции, да донесува закони и да го суспендира Уставот, како што направи (високиот претставник во БиХ) Кристијан Шмит со Уставот на Федерацијата на Босна и Херцеговина“, изјави Цвијановиќ за Радио-телевизија Република Српска (РТРС).

Зборувајќи за средбата со членовите на Северноатлантскиот совет (НАК) во седиштето на НАТО во Брисел, таа оцени дека средбата поминала како што очекувала.

„Што се однесува до членовите на Претседателството, ние имаме сосема поинаков поглед на ситуацијата во Босна и Херцеговина, односно политичката криза низ која минуваме, која дефинитивно е една од најголемите. И една во низата што ја предизвикаа различни високи претставници, сега од Кристијан Шмит, кој нема верификација во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН)“, изјави Цвијановиќ.

Таа оцени дека „повторувањето на истите фрази и примената на старите концепти нема да и помогне на БиХ“, додавајќи дека нејзина обврска е да укаже дека актуелната политичка криза во БиХ е исклучиво предизвикана од „дејствата на неизбран странец“.

„Укажав дека овој странец нема основа во меѓународното право“, рече Цвијановиќ.

Таа нагласи дека сите мерки и активности преземени од Народното собрание на РС се „контрамерки и реакција на узурпирачкото и незаконско однесување на Кристијан Шмит“.

Наведувајќи дека одлуките и постапките на Шмит „биле незаконски и спротивни на меѓународното право“, Цвијановиќ праша - што значи кога велат дека го почитуваат високиот претставник.

„Дали тоа значи дека тие поддржуваат лажна демократија и хаос во земјата“, изјави таа и нагласи дека кризата во Босна и Херцеговина не е безбедносна, туку политичка.

Таа додаде дека во својот говор нагласила дека БиХ е „експеримент за статусот на колонија“. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан