• среда, 18 декември 2024

Царовска: Учеството на граѓанските организации е многу битно во креирањето политики, но недостига фидбек од нив

Царовска: Учеството на граѓанските организации е многу битно во креирањето политики, но недостига фидбек од нив
Скопје, 9 декември 2020 (МИА) - Министерката за образование Мила Царовска на денешната конференција посветена на извештајот за работата на секторските работни групи за образование, вработување и социјала за период јануари 2019 – февруари 2020, во организација на Отворено општество, истакна дека учеството на граѓанските организации е многу битно во креирање на сите политики, особено во секторските работни групи. Таа рече дека претходната власт немала разбирање за важноста на граѓанските организации во креирањето политики. - Тогаш требаше на улица да бараме да учествуваме во креирањето политики за истата таа власт да не носи решенија кои се штетни за граѓаните. Тоа што можам да го кажам за сега е дека, со некои институции поотворено, со други позатворено, но, сепак, дијалог се случува и тоа го констатира и вашиот извештај, истакна министерката. Таа рече дека и како министерка за труд и социјална политика, и на сегашната а функција во образованието, секогаш се труди да ги вклучи граѓанските организации во сите процеси. - Тоа што недостига е повратната информација којашто тие членови на секторските работни групи треба информацијата да ја спуштат кон другите граѓански организации. На тоа треба да се фокусираме во следниот периодот. И секторската работна група да го бара истото од своите членови. Многу е важно да има проактивен однос од страна на членовите. Ние немаме никаков фидбек за ниедно прашање од граѓанските организации во секторска работна група. Многу е важно да се каже дали е нешто добро или е лошо, за да дознаеме дека сме на прав пат, нагласи министерката Царовска. Членот на секторската работна група за образование, вработување и социјална политика, Блажен Малески истакна дека во групата во која е член, е мошне специфична оти имаме две министерства, кои се копретседавачи Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование. - Ова е една од подобрите секторски работи групи. Самата секторска група, себеси се дефинира како форум за меѓуресорска соработка, со мандат за спроведување на задачите на експертско ниво, вклучувајќи ги и оние битни за евроинтеграциите. Сите политики кои произлегуваат во овој сектор, можат да бидат дискутирани во самите секторски групи. Она што се случување во изминатиот период е што многу често се концентриравме на финансиските средства од ИПА програмата на ЕУ, како и на донаторската координација. Иако оваа секторска работна група е најактивна, и нуди решенија и консултации, за жал, не сме стигнати до оној момент кога можеме да ги дискутираме сите работи, истакна Малески. Наде Наумовска, постара координаторка во Фондацијата Отворено општество, на конференцијата презентираше со што се занимавале учесниците во проектот „Дијалог со граѓанските организации –. Платформа за структурно учество во ЕУ интеграциите“ изминатата година. - Главна цел на проектот е да овозможи суштинско и структурно учество на граѓанското општество, кое ги изразува ставовите на граѓаните, со цел да влијае на клучните секторски реформи во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакна Наумовска. ир/ац/

Остани поврзан