• понеделник, 23 декември 2024

Царовска и Филипче: В недела избирате слобода, демократија и просперитет

Царовска и Филипче: В недела избирате слобода, демократија и просперитет

Прилеп, 15 октомври 2021 (МИА) - Потпретседателите на СДСМ Мила Царовска и Венко Филипче попладнево има средби со прилепчани и ги повикаа граѓаните в недела  да излезат и да гласаат за најдоброто за нивната општина, заокружувајќи го бројот 12.

 -Нема подобра опција од тоа бројот 12  да е вашиот избор в недела. Гласајќи за Горан Сугарески и за советничката листа на СДСМ и Коалицијата, избирате слобода, демократија и просперитет, рече Царовска при средбата со прилепчани.

Царовска рече дека владејачката партија за овој исклучително краток период од четири години успеа да инвестира во низа проекти и процеси со кои, како што рече, се модернизираат и се унапредуваат  образованието, детската и социјалната заштита.

 -Во Општина Прилеп и во населените места се завршени, или се во тек реконструкции, изградби и санации на речиси сите училишни објекти. Завршена е санацијата на електрична инсталација во Основното училиште „Блаже Конески“, реновирани се санитарните јазли во средното училиште „Орде Чопела“. Во тек се реконструкцијата на Гимназијата „Мирче Ацев“ и уште други инвестиции во детските градинки. При крај е изградба и на новата спортска сала, а во план е и реконструкција на студентскиот дом во Прилеп. Продолжуваме и во следните четири години да градиме според план и да вложуваме во проекти и во процеси важни за децата и за младите, порача Царовска.

Филипче смета дека ќе се потврди доминацијата и ќе се признаат досегашна работа и успесите на СДСМ. -В недела уште еднаш ќе покажеме и ќе докажеме дека сме достојни на довербата на граѓаните, дека сме најдобар избор, најпрогресивна и најмодерна политичка опција. Прилепчани знаат што е најдоброто за Прилеп и в недела својот глас ќе го дадат за другарот Горан Сугаревски и советничката листа на СДСМ, порача Филипче. 
-За општини функционални и успешни како централната власт, в недела ќе го заокружиме бројот 12. За сигурна иднина која заедно ќе ја создаваме и ќе ја живееме, за иднина во наши раце. В недела без двоумење да го поддржиме најдоброто за нас, за општините, за државата. За уште четири години успех и резултати, за уште четири години општини на граѓаните. Гласајте за себе, за вашата иднина, за државата. Заокружете 12, за да го живееме најдоброто, рече Филипче при денешната средба со жителите на Прилеп, барајќи ја поддршката за кандидатот за градоначалник Горан Сугарески. ем/мд/

Остани поврзан