• петок, 22 ноември 2024

Царинска управа: Спречен обид за шверц - запленети 2,7 кг сребрен накит, 33 часовници и 160 парчиња облека

Царинска управа: Спречен обид за шверц - запленети 2,7 кг сребрен накит, 33 часовници и 160 парчиња облека

Скопје, 21 ноември 2023 (МИА) - Во текот на изминатиот викенд, царинарниците на три гранични премини заплениле роба во вредност од 500.000 денари, со што спречиле избегнување на плаќање царински давачки од околу 150.000 денари.

Околу 2,7 килограми сребрен накит, 33 часовници, како и 160 парчиња облека со вкупна вредност од над половина милион денари се запленети од мобилни тимови на Секторот за контрола и истраги во три контроли на влез во државата на граничните премини „Богородица“, „Блаце“ и „Табановце“ во текот на изминатиот викенд. Со овие акции е спречен обид за шверц и избегнување плаќање царински давачки од околу 150 илјади денари, информираат од Царинската управа.

- Во првиот случај двајца сопружници на влез во државата на граничен премин „Богородица“ се обиделе нелегално да внесат околу 2,7 килограми сребрен накит. Накитот е откриен при контрола на куферите, при што во внатрешните џебови од облеката се пронајдени 37 пакувања со сребрен накит, а во возилото се пронајдени и три сметки од накитот кои биле на име на сопружникот, соопштуваат од Царина.

Во вториот случај станува збор за часовници што мобилниот тим на Царинска управа ги открил при контрола на автомобил на граничниот премин „Блаце“. Возачот на автомобилот ги скрил часовниците во црни ќеси кои ги ставил зад совозачкото седиште.

- Друг мобилен тим, пак, на граничниот премин „Табановце“ при извршена контрола на автобус откри и заплени 160 парчиња облека наменета за продажба на македонскиот пазар. Автобусот кој сообраќал на релација Белград – Скопје е селектиран за детален преглед при што под клупите и во фабричката шуплина над задните десни тркала се пронајдени непријавените парчиња облека, известуваат од ЦУ.

Оттаму, посочуваат дека во случајот на заплена на часовници и облека против лицата се поднесени прекршочни пријави. Во случајот во кој е запленет околу 2,7 килограми сребрен накит против лицето е поднесена кривична пријава до јавно обвинителство за кривично дело криумчарење, по што судот донесе одлука за одземање на накитот, парична казна од 2.500 евра во денарска противвредност и заплена на возилото со кое е извршено кривичното дело.  ир/дма/

 

Фото/видео: Царинска управа

Остани поврзан