• понеделник, 23 декември 2024

Царинската управа ќе ги подобрува способностите за менаџирање со ризици

Царинската управа ќе ги подобрува способностите за менаџирање со ризици

Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) – Со грант од 4,8 милиони долари од Владата на Република Кореја, Царинската управа ќе ги подобрува способностите за менаџирање со ризици преку имплементирање на систем за управување со ризици и податочен склад.

Тоа го овозможува Меморандумот за соработка што денеска во Скопје го потпишаа заменик-директорот на Бирото за политика за информации и податоци во корејската Царинска служба, Ки-Донг Ким и директорот на Царинската управа, Стефан Богоев.

-Имплементацијата на системот за управување со ризици и податочен склад е особено важна во време кога зависиме од брзата размена на податоци, изјави Богоев по потпишувањето на меморандумот.

Нагласи дека целиот свет во моментов е соочен со раст на цените што се пресликува врз економијата, а истовремено криминалитетот наоѓа свои форми на делување под закрилата на отворената економија.

-Затоа ни е потребна стратегија која ќе даде ефикасен одговор на сите предизвици со кои се соочуваме денес. Токму воспоставувањето на овој систем ќе овозможи подобро таргетирање на декларации во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката, рече Богоев.

Посочи дека идните политики базирани на ваквиот систем ќе бидат насочени кон развој на Царинската управа и кон подобрување на менаџирањето со ризици.

-Подоброто менаџирање со ризици значи заштита на финансиските интереси на државата и повеќе пари во Буџетот, потенцира Богоев.

Заменик-директорот Ки-Донг Ким рече дека меморандумот е многу значаен и ја потврдува волјата за соработка меѓу царинските служби на двете земји за успешно спроведување на проектот.

-Царинската служба на Република Кореја и во иднина ќе се труди да понуди се што може за поддршка, како на материјален, така и на духовен начин за развој на македонската Царинска управа и стабилно воспоставување на системот, рече Ким.

Земјава во 2019 година официјално воспостави дипломатски односи со Република Кореја, а денешниот проект е во насока на зајакнување на односите меѓу двете земји.вј/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан