• понеделник, 23 декември 2024

Хутите нападнаа два товарни брода во Црвено Море

Хутите нападнаа два товарни брода во Црвено Море

Дубаи, 15 декември 2023 (МИА) - Балистичка ракета истрелана од територија под контрола на бунтовниците во Јемен денеска погоди товарен брод во Црвеното Море во близина на стратешки важниот теснец Баб ал-Мандеб, неколку часа по нападот во кој бил погоден уште еден товарен брод, соопштија властите.

Ракетниот напад врз товарниот брод „MSC Palatium III“  и претходниот напад на товарниот брод „Ал Џасра“  претставуваат ескалација на кампањата што им се припишува на јеменските бунтовници Хути, поддржани од Иран.

Нападите се директна закана за бродовите кои пловат по клучниот коридор за транспорт на товар и енергија од Европа и Азија преку Суецкиот канал до Индискиот Океан.

Бунтовниците од движењето Хути велат дека целта на нивните напади е да се стави крај на жестоката израелска воздушна и копнена офанзива на Појасот Газа, за време на војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас. Сепак, врските со бродовите цел на бунтовниците слабеат како што продолжуваат нападите.

Претставник на американската одбрана и приватната разузнавачка фирма „Ембри“ изјавија дека по нападот товарниот брод под либериско знаме „MSC Palatium III“,се запалил. Засега не се знае дали некој од персоналот на бродот е повреден.

Во нападот биле истрелани две ракети, а целта најверојатно бил бродот „Ал Џасра“, изјави неименуван американски претставник. Едната ракета паднала во водата, а другата го погодила MSC Palatium III“, изјави официјалниот претставник.

Тој додаде дека не е познато дали претходниот напад на бродот „Ал Џасра“ бил извршен со проектил или со дрон. Германската компанија која управува со бродот „Ал Џасра“ изјави дека во нападот нема повредени членови на екипажот.

Јеменските бунтовници Хути ја презедоа одговорноста за серијата ракетни напади во последните денови. сд/

Остани поврзан