• недела, 22 декември 2024

Хунтата во Буркина Фасо го продолжи своето владеење за пет години

Хунтата во Буркина Фасо го продолжи своето владеење за пет години

Уагадугу, 26 мај 2024 (МИА) - Владејачката хунта во Буркина Фасо ќе остане на власт уште пет години, откако учесниците на националните разговори предложија продолжување на транзицијата кон демократија за 60 месеци од јули, објавија странските агенции.

Војската ја презеде власта со државен удар во 2022 година и вети дека ќе одржи избори во јули оваа година за да го врати цивилното владеење, но исто така рече дека безбедносните грижи ќе имаат приоритет.

Според новата повелба, потпишана од воениот лидер Ибрахим Траоре, преодниот период е определен на 60 месеци, почнувајќи од 2 јули.

„Изборите кои ќе го означат крајот на транзицијата може да се организираат пред овој рок, доколку безбедносната ситуација го дозволи тоа“, се наведува во документот.

Повелбата, исто така, му дозволува на Траоре да се кандидира за претседател кога ќе се одржат изборите.

Нивото на насилство во регионот Сахел во Западна Африка, поттикнато од децениските борби со исламистичките групи поврзани со Ал Каеда и групата Исламска држава, се влоши откако војските на соодветните земји ја презедоа власта во Буркина Фасо и соседните Мали и Нигер. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан