• понеделник, 23 декември 2024

Хуманитарен концерт за реновирање на главната сцена во Струшкиот центар за култура

Хуманитарен концерт за реновирање на главната сцена во Струшкиот центар за култура
Струга, 19 октомври 2022 (МИА) - „За даските што живот значат“ е насловен хуманитарниот концерт на културно уметничкото друштво „Илинден“ и студиото за танц „Бах“, што ќе се одржи в сабота. Собраните средства ќе бидат наменети за реновирање на главната сцена во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Иницијативата, како што информира директорката на Центарот за култура, Николина Велкоска - Глигороска, е на Националната установа „Браќа Миладиновци“, за реновирање на сцената, која, според неа, не е обновена неколку децении. - Хуманитарниот концерт е насловен „За даските што живот значат“. И навистина за уметниците оваа установа е нивниот втор дом, а сцената е нивна инспирација или како што самите често пати викаат, таа е живот за уметниците. Главната сцена не е целосно обновена неколку децении, а гледајќи ги реалните потреби се одлучувме да се заврши и овој проект. Голема благодарност до КУД „Илинден“ и студиото за танц „Бах“, кои несебично и со големо задоволство ја прифатија иницијативата. Покажаа дека се пример за општествена одговорност и чувство за општото добро на сите граѓани, изјави Велкоска - Глигороска за МИА. За реконструкција на главната сцена, која е единствена во општина Струга, потребни се околу 150.000 денари, а покрај собраните средства од концертот, ќе партиципира и НУ центар за култура „Браќа Миладиновци“. - Нашиот концерт за донации нека биде пример за сите што ја користат оваа сала и поттик да придонесат за нејзината реконструкција, истакна кореографот во КУД „Илинден“ Љупчо Милошески. Во Центарот за култура се врши замена на светилките со економски ефикасни, со цел заштеда на елктричната енергија, а според директорката, има уште многу работи кои треба да се променат за големата сцена после неколку децении добие нов и модерен лик. Со средства од Министерството за култура годинава беше реконструиран влезот кај Летната сцена. сс/цр

Остани поврзан