• среда, 03 јули 2024

Хуманитарен велеслалом: Акција за прибирање на средства за подновување на ученичкиот дом во Маврови Анови

Хуманитарен велеслалом: Акција за прибирање на средства за подновување на ученичкиот дом во Маврови Анови
Гостивар, 1 април 2021 (МИА) - Организаторот на хуманитарниот велеслалом ги откажа натпреварите заради пандемијата и ќе спроведе акција за прибирање на средства за подновување на ученичкиот дом во Маврови Анови. Според најавите, парите од сите купени карти во Ресорт Маврово во среда и четврток ќе бидат префрлени за оваа намена. – Оваа година поради пандемијата, велеслаломот нема да се одржи, но продолжуваме со хуманост. Овогодишната цел е да се покаже хуманоста на непрофесионалните и професионалните скијачи кон оние на кои им треба нашата помош за соодветни услови за школување, наведуваат од Ресорт Маврово. На хуманитарниот велеслалом 19 години по ред се пријавуваат екипи на компании за да се приберат средства кои одат во хуманитарни цели. Годинава, организаторите решија покрај средствата кои учесниците ќе ги уплатат за учество на Хуманитарниот велеслалом што се одржува во Маврово, да дадат и дополнителен придонес. Парите од продадените карти на 6 и 7 април ќе се префрлат на сметката за таа намена. – Затоа, на 6 и 7 април годинава, во Ресорт Маврово скијаме за ученички дом „Седек Костоски“ Маврови Анови, кој работи во состав на Основното училиште „Денче Дејаноски“, општина Маврово и Ростуше. Испратете ги вашите вработени на чист воздух и малку одмор од секојдневието и помогнете им на децата од ученичкиот дом „Седек Костоски“ да имаат подобри услови за школување и околина која ќе им овозможи квалитетно образование. Ако немате скијачи во вашата компанија, но имате желба да им помогнете на децата, може директно да донирате средства на ученички дом „Седек Костоски“ Маврови Анови, велат организаторите. Во ученичкиот дом се сместени деца од прво до деветто одделение од околните села и деца од социјално загрозени семејства. Повеќе информации за настанот на events@bistra.com.згм/бт/

Остани поврзан