• петок, 05 декември 2025

Христодулидис при посетата на Сараево ја потврдил поддршката на Кипар за ЕУ перспективата на Босна и Херцеговина

Христодулидис при посетата на Сараево ја потврдил поддршката на Кипар за ЕУ перспективата на Босна и Херцеговина

Атина, 15 мај 2025 (МИА) – Силната и практична поддршка на Кипар за европската перспектива на Босна и Херцеговина, ја потврдил кипарскиот претседател Никос Христодулидис на средбите што денеска ги имаше во Сараево со претседателката на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ и со другите членови на Претседателството Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ, информираше портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.

Посетата на Босна и Херцеговина е во рамките на посетите на Христодулидис во пресрет на кипарското претседателство со Советот на Европската Унија во првата половина од 2026 година.

- Улогата на кипарското претседателство со Советот на ЕУ може да биде клучна за усвојување на преговарачката рамка за Босна и Херцеговина и за свикување на Меѓувладина конференција, под услов земјата да ги исполни предусловите, спроведувајќи ги 14-те клучни приоритети поставени од Европската комисија и усвоени од Европскиот совет, соопшти портпаролот на кипарската Влада.

Христодулидис ја изразил подготвеноста на Кипар да обезбеди експертиза и поддршка на Босна и Херцеговина, со цел да се постигне суштински напредок во исполнувањето на предусловите и за да може, за време на кипарското претседателство, да започне пристапниот процес на земјата.

Дополнително, на средбите станало збор и за билатералните односи, но и за кипарското прашање, за кое Христодулидис ги информирал неговите домаќини.

Од Сараево, кипарскиот претседател попладнево замина за Тирана каде што утре ќе учествува на Самитот на Европската политичка заедница, а на маргините на состанокот ќе се сретне со албанскиот премиер Еди Рама, со кој ќе разговараат за претстојното кипарско претседателство со ЕУ и пристапниот процес на Албанија.

Во пресрет на кипарското претседателство со Советот на Европската Унија во првата половина од 2026 година, Христодулидис на крајот на април беше во работни посети на Србија и на Црна Гора. ср/

Остани поврзан