ХРВ бара истрага за злосторствата на паравоените Сили за брза поддршка во Дарфур
- Невладината организација „Хјуман рајтс воч“ (Human rights watch) денеска побара од Меѓународниот кривичен суд да ги истражи злосторствата извршени од паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) и нивните сојузници во суданскиот регион Дарфур
Картум, 11 јули 2023 (МИА) – Невладината организација „Хјуман рајтс воч“ (Human rights watch) денеска побара од Меѓународниот кривичен суд да ги истражи злосторствата извршени од паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) и нивните сојузници во суданскиот регион Дарфур.
ХРВ тврди дека во мај РСФ и арапските милиции убиле 28 припадници на неарапското племе Масалити во градот Мистереи. Тие во рок од неколку недели покрај Мистереи запалиле и шест други градови и села во Западен Дарфур.
Конфликтот во Судан избувна во средината на април по неколкумесечна тензија меѓу генералот Абдел Фатах Бурхан и неговиот ривал генерал Мохамед Хамдан Дагало, командант на паравоените сили за брза поддршка (РСФ). Првично борбите беа ограничени само на главниот град Картум, а подоцна судирот се прошири низ цела земја.
Агенцијата за храна на ОН денеска соопшти дека жителите сè уште бегаат од насилството во Дарфур во соседен Чад, вклучително и повеќе од 20.000 бегалци кои само минатата недела преминаа во граничниот град Адре во Чад. ми/
фото: ЕПА