Хрватскиот Сабор расправаше за концертот на Томсон, пратеник извика „За дом спремни“
- Дамир Билоглав, пратеник од партијата ДОМиНО, која настана со отцепување од Татковинското движење (Домовински покрет) на Иван Пенава, денеска од собраниската говорница извика усташки поздрав „За дом спремни“, што предизвика големо незадоволство кај дел од опозицијата.
Загреб, 8 јули 2025 (МИА) – Дамир Билоглав, пратеник од партијата ДОМиНО, која настана со отцепување од Татковинското движење (Домовински покрет) на Иван Пенава, денеска од собраниската говорница извика усташки поздрав „За дом спремни“, што предизвика големо незадоволство кај дел од опозицијата.
Опозицијата бараше реакција од претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ, но таа изостана, што дополнително ги засили тензиите во Саборот, јавија локалните медиуми.
Билоглав во своето обраќање го бранеше концертот на Марко Перковиќ Томсон одржан на загрепски Хиподром, истакнувајќи дека младите кои присуствувале не ги интересираат идеолошките поделби ниту минатото, туку на такви настани доаѓаат за да изразат „радост, веселба и патриотизам“.

- Ние сме родени во слободна Хрватска, ќе живееме како што сакаме, ќе пееме песни кои ги сакаме, ќе се поздравуваме со поздрави какви што сакаме … Во име на сите тие млади, јас овие господа ги поздравувам со поздрав кој тие би сакале да го упатат до сите вас – За дом спремни, рече тој.
Пратениците од опозицијата го повикаа Јандроковиќ да реагира поради кршење на Деловникот, но претседателот на Саборот рече дека нема да биде арбитер, дека се изнесени различни ставови и оти народот треба да пресуди кој ја зборува вистината.
Јандроковиќ рече дека „За дом спремни“ има „двојна конотација“, и оти додека некои го поврзуваат исклучиво со НДХ, други го поистоветуваат со Татковинската војна и времињата на одбрана на Хрватска.
- Јас ги осудувам усташките симболи и сметам дека сè што е поврзано со НДХ заслужува осуда, но исто така ќе ја бранам честа на хрватските бранители, рече Јандроковиќ.
Во расправата се вклучи и Милорад Пуповац (СДС С), кој ја пофали организацијата на концертот, но остро предупреди на содржината која таму се слушала и видела.
- Зошто не беше можно да се заштитат уставните вредности и вредностите на ЕУ од симболи, пораки, песни и повици со кои се величаа припадниците на усташкото движење и се поздравуваше со официјалниот поздрав на НДХ ’За дом спремни‘, рече Пуповац.
Пуповац предупреди и на можни меѓународни последици, наведувајќи дека Хрватите во Србија поради тоа би можеле да трпат дополнителен притисок и да слушаат „уште погласни песни на српскиот пандан на Томсон – Баја Мали Книнџа“. Исто така, изрази сомнеж дека со тоа што нема реакција се обидува да се „дисциплинираат“ оние кои се против таквата идеологија.
- Сите кои не беа на Хиподром се гледаат сомнително, а оние кои укажуваат на пропусти на државата се прогласуваат за злонамерни, наведе Пуповац.
Пратеникот на Татковинското движење, Ивица Кукавица, ја бранеше публиката на концертот, тврдејќи дека младите дошле „да се поклонат на вредностите на она што е Хрватска“, и порача:
„Ако на Туѓман и Рачан не им бил спорен ХОС, песните и поздравите, зошто нам денес ни е спорно“, пренесува хрватскиот портал 24сата.
Претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ, во 2020 година му даде опомена на пратеникот на Мост, Миро Буљ, токму поради изговарањето на поздравот „За дом спремни“ во парламентот, што предизвика дополнителни критики поради очигледната недоследност во денешната ситуација.
Оваа расправа покажа дека темата за поздравот „За дом спремни“ и понатаму длабоко ја дели хрватската политичка сцена, а изостанокот на јасен и недвосмислен став од претседателот на Саборот предизвика дополнителни спорови за односот на државата кон наследството на НДХ и пораките што ги испраќа до јавноста и меѓународната заедница.
Меѓутоа, Уставниот суд во март 2020 година објави соопштение во кое наведе дека поздравот „За дом спремни“ не е во согласност со Уставот на Република Хрватска, бидејќи претставува симбол на усташкиот режим на НДХ – режим кој бил тоталитарен, расистички и фашистички. Уставниот суд исто така наведе дека тој поздрав не може да се оправдува дури ни во околностите на Татковинската војна, во која го користеле некои единици на ХОС. јт/
Фото: Билоглав на Фејсбук