• понеделник, 23 декември 2024

Хрватската амбасадорка Нивес Тигањ во посета на Куманово

Хрватската амбасадорка Нивес Тигањ во посета на Куманово
Куманово, 23 март 2022 (МИА) - Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска оствари средба со амбасадорката на Хрватска во земјава, Нивес Тигањ, на која е разговарано на повеќе теми за сегашната и идната соработка. Димитриевски рече дека ова е прва протоколарна средба и посочи дека Општина Куманово има одлична соработка со претставниците на хрватската заедница кои живеат во оваа Општина и кои се активни во учество на бројни културни манифестации. - Разговаравме и на други теми поврзани со економијата и можностите за взаемна соработка. Оценивме дека нивото на соработките се одлични и ќе направиме сè да ги унапредуваме тие односи кои се традиционални. Република Хрватска е голем поддржувач на нашата држава за членство во Европската Унија, таа е реален пријател, и ова пријателство ќе продолжиме да го негуваме, изјави Димитриевски. Амбасадорката Тигањ информираше дека првпат е во посета на Куманово и му посака успешен мандат на градоначалникот. Во изјавата за медиумите таа истакна дека Хрватска е поддржувач за европскиот пат на Северна Македонија. Таа рече дека е добра соработката на Општината со хрватската заедница. - Хрватска има големи искуства во обезбедување средства од ЕУ фондовите и тоа би бил еден од аспектите за соработка, но тука е и соработката на полето на културата, економијата, здравство. Градоначалникот детално ме информираше за состојбата во Куманово, рече амбасадорката. Амбасадорката посочи дека годинава двете држави одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи, што, според неа, е добра можност да се продлабочи соработката не само меѓу државите, туку и меѓу градовите и општините, истакнувајќи ја претходната соработка на Куманово и Вараждин. ам/фф/

Остани поврзан