• понеделник, 23 декември 2024

„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман

„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман
Скопје, 25 октомври 2021 (МИА) - Ракописот „Хотел меѓу две војни“ од авторот Александар Русјаков е победник на третото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2021 година. На годинашниот конкурс за оваа награда што ја организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“, се пријавија и учествуваа 44 ракописи. За победникот одлучи жирито во состав на проф. д-р Владимир Мартиновски од Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Фросина Пармаковска, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“. Во образложението на жирито се наведува дека „Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа, пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век, судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања во биографските факти и во многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите. – Престојувајќи во бизарен хотел кој асоцира на задгробниот свет, но во соба со поглед на Битола, Мустафа Кемал Ататурк понира во фантазмагоричниот свет на спомените и соништата, во кој на еден непредвидлив начин се мешаат сликите од минатото и од интимната историја на протагонистите. Приказната за Мустафа и Елени е раскажана оригинално, преку калеидоскоп од сугестивни сцени, впечатливи прозни пасажи и вешто водени дијалози, се истакнува во образложението на жирито. Како што се посочува, овој роман проблематизира и низа историски моменти и ликови, видени од специфичната призма на авторот која е оригинална, темелна и извонредно визуелно ефектна. -Светот што овој роман ни го претставува е раскошен, слоевит, свет што ги обединува пределите на сонот и јавето, животот и смртта, историската реалност и фикцијата. Раскрстувајќи со секаква типичност, типизираност и клишеизираност, „Хотел помеѓу две војни“ одново ги создава личните и историските вистини, играјќи си и постојано поместувајќи ги силните противречности помеѓу она што било и она што би можело да биде; помеѓу големите и малите; Истокот и Западот; слободните избори и детерминираните улоги. Меѓу другото, ова е и роман што нуди уникатно ѕирнување во комплексниот свет на една од најинтересните историски личности, секако низ безграничните можности на фикцијата и авторовата имагинација, појаснува жирито. Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година, жирито ги разгледа и ракописите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска, кои се издвоија од мноштвото по своите книжевни вредности – оригиналната нарација, структурните и стилски квалитети. Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Според Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“, особено е важно што оваа награда се доделува за необјавен роман, односно роман во ракопис, што секако, како што посочува Георгиевски, овозможува пред оценката на јавноста да се појават и некои дела што можеби неправедно и неоправдано не успеале да излезат на „светлоста на денот“. –Третото доделување на оваа награда само говори дека сме на вистинскиот пат и дека наградата, полека, ама со сигурен чекор, го етаблира своето место во македонскиот културен простор, додаде Георгиевски. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.бт/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан