• понеделник, 23 декември 2024

Хондурас прогласи вонредна состојба поради денга треска

Хондурас прогласи вонредна состојба поради денга треска

Тегусигалпа, 2 јуни 2024 (МИА) - Хондурас прогласи вонредна состојба по зголемениот број хоспитализации и смртни случаи од денга треска, објави Министерството за здравство на земјата.

Бројот на случаи на денга треска во Америка надминува 5,2 милиони, бидејќи епидемијата го надминува годишниот рекорд, според Панамериканската здравствена организација (PAHO), специјализираната агенција на Обединетите нации задолжена за меѓународна здравствена соработка во Америка.

Владата им нареди на здравствените службеници да ги преземат сите неопходни активности, вклучително и спроведување на мерки за превенција и контрола и идентификација на средства за справување со епидемијата, јавува Си-Ен-Ен.

Министерството за здравство на Хондурас во првите 20 недели од оваа година соопшти за 23.037 сомнителни случаи на денга, што е една од највисоките бројки во Америка, покажуваат податоците на Панамериканската здравствена организација.

Целиот регион во првите пет месеци од 2024 година веќе има пријавено повеќе од 8,65 милиони случаи, што е речиси двојно повеќе од 4,5 милиони случаи пријавени во цела 2023 година.

Податоците на РАНО покажуваат дека само Бразил има регистрирано 7,2 милиони случаи, додека Централна Америка и Карибите влегуваат во пикот на сезоната на денга.

„Хондурас влезе во зоната на епидемија поради зголемувањето на случаите во сите делови на земјата, како и бројот на пациенти примени во сите болници во земјата поради оваа болест“, соопшти во петокот Министерството за здравство на Хондурас.

PAHO и Светската здравствена организација препорачуваат земјите во тие области „да ги усвојат неопходните мерки за да подготват одговор на зголемувањето на денга треската, вклучително и организација на здравствени услуги за да се обезбеди соодветно клиничко управување, спречување на компликации и избегнување на заситеност на специјализираните услуги за нега “.

Денгата е вирус што го пренесуваат комарците и главно се шири од комарецот Aedes aegypti, кој, исто така, носи неколку други вируси, како што се жолта треска, чикунгуња и Зика, наведува американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).сд/

фото:МИА архива

 

Остани поврзан