• понеделник, 23 декември 2024

Холандија планира да воведе брзи тестови на здив низ целата земја

Холандија планира да воведе брзи тестови на здив низ целата земја
Амстердам, 3 февруари 2021 (МИА) - Холандија планира да воведе брзи тестови на здив низ целата земја за да го забрза процесот на тестирање на коронавирусот и да го направи помалку инвазивен. Установите во Амстердам во кои се одвива тестирање на коронавирусот први започнаа да користат SpiroNose оваа недела, уред што може да открие можни инфекции за една минута врз основа на здив. По повеќемесечно тестирање, холандските здравствени власти утврдија дека SpiroNose е сигурен кога станува збор за негативни резултати од тестовите, изјави инфектологот Марикен ван дер Лубен. - Доколку тестот е негативен, тоа е многу сигурен исход и можете да одите, додека е позитивен тогаш мора да биде потврден со ПЦР тест, појасни Ван дер Лубен. Властите во Холандија нарачаа околу 1.800 уреди што планираат да ги инсталираат во тестирачките објекти низ целата земја во наредните месеци. Белгискиот вирусолог Марк Ван Ранст рече дека ова е ветувачка технологија, но дека сè уште нема доволно докази што покажуваат дека ова е патот по кој треба да се оди. Холандската компанија „Бретомикс“ (Breathomix), која прва го разви уредот за откривање астма и карцином на бели дробови, наведува дека собрала доволно податоци за сигурно откривање на можна инфекција со коронавирус. „Во последните неколку месеци го измеривме здивот на луѓето кои имаат коронавирус и оние кои не се заразени и го знаеме нивниот просечен профил на дишење“, соопшти компанијата. „Бретомикс“ моментално ги испитува опциите за користење на уредот во компании и училишта, но тоа нема да биде решение за отворање објекти за огромен број луѓе, бидејќи, според компанијата, за секој тест се потребни две до три минути. SpiroNose е исто така чувствителен на алкохол, цигари и други фактори кои влијаат на здивот на луѓето. паг/  

Остани поврзан