• недела, 17 ноември 2024

Херцог: Уште еднаш во еврејската историја бараме: Пуштете го нашиот народ

Херцог: Уште еднаш во еврејската историја бараме: Пуштете го нашиот народ

Вашингтон, 14 ноември 2023 (МИА) – Израелскиот претседателот Исак Херцог од Западниот ѕид во Ерусалим се обрати преку видео бим на про-израелскиот собир во Вашингтон.

- Денес се обединуваме, како семејство, една голема мишпаха, да маршираме за Израел. Да маршираме за бебињата, момчињата и девојчињата, жените и мажите злобно држени како заложници од Хамас, рече Херцог.

- Да маршираме за правото на секој Евреин да живее гордо и безбедно во Америка, Израел и ширум светот. Пред сè, се обединуваме да маршираме за доброто над злото, за човечкиот морал над жедта за крв. Маршираме за светлина над темнината, додаде тој.

- Пред осумдесет години, Евреите излегоа од Аушвиц и ветија „никогаш повеќе“. Додека сино-белото знаме беше поставено над нашата древна татковина, ние ветивме „никогаш повеќе“. Пред четириесет дена, терористичка армија ја нападна суверената држава Израел и искасапи стотици и стотици Израелци во најголемиот масакр по холокаустот. Ајде да извикаме заедно: никогаш повеќе. Никогаш повеќе е сега, рече тој.

Херцог во името на израелскиот народ му се заблагодари на американскиот претседател Бајден, неговата администрација и членовите на Конгресот за нивната „моралната јасност и смелите постапки на американските сојузници кои ја покажуваат длабочината на американско-израелскиот сојуз, кој е посилен од кога било досега“.

- Уште еднаш во еврејската историја бараме: Пуштете го нашиот народ. Додека нашите најблиски се заробени во Газа, а нашите војници се борат за нашиот сакан Израел – Евреите ширум светот се напаѓани затоа што се Евреи. Омразата, лагите, бруталноста, срамниот изблик на античкиот антисемитизам се срам за сите цивилизирани луѓе и нации. Евреите во Америка мора да бидат безбедни. Евреите ширум светот мора да бидат безбедни, нагласи тој.

Голема толпа народ која го осудува антисемитизмот и бара од Хамас ослободување на израелските заложници денеска учествува во „Маршот за Израел“ во Вашингтон. јт/

Фото: Јутјуб скриншот

Остани поврзан